Во пет основни училишта и три детски градинки ќе се изврши замена на постојните системи за греење со современи топлински пумпи – енергетски ефикасни и еколошки прифатливи решенија. Тоа е резултат на Меморандум за соработка во рамки на ЕУ-проектот „ЕУ за чист воздух“ , што го потпишаа градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, и Марко Вујачиќ, раководител на програмата на UNOPS за Југоисточна Европа, со цел подобрување на квалитетот на воздухот и зголемување на енергетската ефикасност во јавните објекти
-Со оваа иницијатива, Општина Ѓорче Петров се вбројува меѓу првите општини во државата кои системски имплементираат вакви решенија во сите основни училишта, воспоставувајќи нов стандард за одржливо управување со јавните објекти – соопштија од локалната самоуправа.
Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски истакна дека проектот претставува директна инвестиција во здравјето и иднината на најмладите.
-Со воведувањето енергетски ефикасни системи за греење во сите основни училишта и дел од градинките, правиме суштински чекор кон почиста животна средина и поздрави услови за нашите деца. Ова е пример како локалната самоуправа, со поддршка од Европската Унија и во партнерство со UNOPS, може конкретно да придонесе кон подобар квалитет на живот – изјави Стојкоски.
Со реализацијата на проектот се очекува намалување на загадувањето, пониски енергетски трошоци и значително подобрување на условите за престој и работа во образовните установи.
Од Општина Ѓорче Петров информираат дека соработката со UNOPS и поддршката од Европската Унија претставуваат важен дел од стратешките заложби за одржлив развој и заштита на животната средина.












