Холандскиот министер за надворешни работи Каспар Велдкамп, член на владејачката партија НСЦ, денес поднесе оставка од својата функција поради неможноста да се спроведат понатамошни мерки против Израел.
Заедно со него, сите министри и државни секретари од истата партија ја напуштија холандската влада.
Велдкамп одлучи да поднесе оставка бидејќи не можеше да преземе понатамошни мерки против Израел, кои беа блокирани од другите министри во владата на Дик Шуф, потврди холандскиот вицепремиер Еди ван Хејам за Фламанското радио и телевизија.
„Како влада, веќе презедовме голем број чекори. Холандија не мора да се срами од тоа. Сепак, почувствував притисок во кабинетот да усвои нови мерки во врска со ситуацијата во Газа и на Западниот Брег“, рече Велдкамп, пренесе холандската јавна служба.
Велдкамп вети дека ќе преземе дополнителни мерки против Израел за време на дебатата во холандскиот парламент вчера, но другите коалициски партии ја отфрлија идејата.
Вицепремиерот Еди ван Хејам, министерот за внатрешни работи, министерот за образование, министерот за здравство и неколку државни секретари, исто така, поднесоа оставки.
Холандската влада веќе беше во технички мандат и немаше мнозинство во парламентот откако партијата PVV на Герт Вилдерс ја напушти коалицијата претходно оваа година.
Парламентарните избори се закажани за 29 октомври.