Во Паркот на Франкофонијата, на 1 јуни ќе се одржи „Пет фестивал“ посветен на домашните миленици, одговорното сопствеништво и благосостојбата на животните.
Организаторите најавуваат учество на повеќе од 60 професионалци кои ќе ја презентираат својата работа во Пет индустријата. Кинолошкиот сојуз првпат ќе ги претстави меѓународните шампиони во неколку раси, нивните карактеристики и титули, а тоа ќе биде проследено со изложба на фотографии и визуелни помагала, а Специјалната единица со кучиња (К9) при Министерството за внатрешни работи ќе изведе показни вежби и детекција на недозволени средства.
Македонска асоцијација на стилисти за миленици заедно со учесници од Бугарија и Србија ќе презентира како да се негува крзното на милениците, а ќе биде претставен и накит за кучиња, иновативно јапонско решение за дентална хигиена на миленици и ќе има артистички цртежи на миленици во живо.
Во рамки на манифестацијата ќе има и ликовно и детско катче.