Објавена е песната „Црвена кола“ од филмот „Свадбата“ во режија на Игор Шереги, чиј текст ги засмејува гледачите во кината низ регионот. Песната ја изведуваат Миланче – Тежак живот, игран од Денис Муриќ, Јелена (Невена Неранџиќ) и Млад гангстер (Марко Миљковиќ).
Откако Небојша Димитријевиќ, игран од Марко Грабеж и Ана Лончариќ (Линда Бегоња) пристигнуваат на островот заедно со своите семејства за да се венчаат, меѓу другото добиваат непријатно изненадување – Јелена.
Таа еднаш имаше авантура со Небојша и бара само едно нешто – да стане музичка ѕвезда.
„Сакам да снимам песна. Сакам да снимам музички спот и да одам на турнеја. Ми требаат пари за тоа“, вели таа.
„Црвена кола, сукња до пола, Моет са стола, воли ме до бола. Црвена кола, сукња до пола, Емил Зола, скачемо са мола”, е дел од песната што насмеа многу гледачи во регионот.

Инаку, комедијата „Свадбата“ урива рекорди. По само два викенда во Хрватска и Босна и Херцеговина, филмот го гледале повеќе од половина милион луѓе, а ова остварување наиде на голем интерес и кај македонската публика која имаше можност премиерно да го гледа филмот на 5 февруари во Синеплекс.
Најголемиот дел од вкупниот резултат е постигнат во рамките на кино мрежата CineStar, најголемата регионална кино мрежа. Ова е бројка што не е забележана во модерната кино дистрибуција на овие простори.
Филмот ја следи приказната за две семејства, едното хрватско, другото српско, чиј однос постојано „танцува“ помеѓу топла семејна приказна и меѓународен инцидент. Во него игра мешано хрватско-српска екипа. Во главната улога настапува познатиот српски актер Драган Бјелогрлиќ, кој го толкува ликот на Вук Димитријевиќ, како и реномираниот хрватскиот глумец Рене Биторајац, кој, пак, го игра ликот на Миљенко Лончариќ. Во филмот глуми и Јелисавета Сека Саблиќ.












