На 26. Јуни, во Сули ан, со почеток во 20:00 часот, публиката ќе има можност во рамките на фестивалот „Скопско лето“ да ужива во музичката приказна за деца „Песна за жирафата“ со ансамблот „Консонанс“.

„Песна за жирафата“, преку прекрасната музика на композиторот Ф. Ј. Хајдн и забавниот и едукативен текст, ни ги претставува и доловува специфичностите на секој од инструментите на интересен и креативен начин. Наменета за деца од различна возраст, приказната ќе им ја разбуди љубопитноста за различните бои што ги произведува еден жичен инструмент како што е виолината или, пак, некој од дувачките инструменти како што се флејтата и кларинетот. Во текот на музичката приказна, актерот, толкувајќи го ликот на самиот композитор Ф. Ј. Хајдн, на еден мошне забавен и весел начин ќе ги едуцира децата за многуте аспекти на класичната музика и на инструментите што се користат во ансамблот „Консонанс“.

Во оваа музичка приказна, преку приказна и интеракција, децата ќе може да се запознаат со музиката од периодот на класицизмот и да ги слушнат аранжманите напишани специјално за овој концерт, кои ќе ги едуцираат за познатата музика на Ф. Ј. Хајдн изведена од квинтет сочинет од следниве инструменти: виолина, флејта, англиски рог, кларинет и бас-кларинет.

Сите овие инструменти се солистички и на нив може да се настапува и самостојно, но најчесто се употребуваат во поголемите ансамбли, во големите симфониски оркестри, во оперската и во балетската музика.

Билетите по цена од 300 денари (родител+дете) ќе се продаваат пред почетокот на настанот, на влезот од Сули ан.

ИЗДВОЕНИ