
Bрзината со која би можеле да се одвиваат преговорите за прекин на војната во Украина директно зависи од ставот на Киев, ефикасноста на посредувањето на САД и од ситуацијата на боиштето, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во неделното обраќање за телевизијата Беларус-1.
Русија и натаму бара територијални отстапки од Украина и прекин на западната воена поддршка, барања што Киев ги смета за целосно неприфатливи.
Иако нов датум за следна рунда мировни преговори сè уште не е одреден, Песков изрази надеж дека „во блиска иднина“ ќе има поместување во таа насока. Тој потврди дека и покрај неодамнешните преговори во Истанбул во мај и јуни, на кои беа договорени размените на заробеници и телата на загинатите, суштински напредок за прекин на огнот не бил постигнат.
Турција, која беше домаќин на последната рунда преговори, изрази подготвеност повторно да ги прими делегациите на завојуваните страни.