Перински на средба со локалната власт најави нова дигитална алатка за поддршка од Министерството

76

Во рамки на карванот „Каде што срцето е дома“, министерот за локална самоуправа, Златко Перински, и заменик-министерот Ерџан Селими, денеска остварија работна средба со градоначалникот на Општина Сопиште, Јане Мицевски, и со претставници на општинскиот совет.

На средбата се разгледувал напредокот на проектите финансирани преку вториот јавен повик од потпрограмата АА за инфраструктурни интервенции. Сопиште, преку двата повика, обезбеди поддршка за вкупно 11 проекти, во вредност од 54.016.646 денари.

Разговорите опфатиле и дел од клучните активности на Министерството за локална самоуправа, меѓу кои и функционирањето на новоформираниот Ресурсен центар за поддршка на општините.

Министерот Перински го презентирал прирачникот „Патоказ за ефикасно локално управување“, подготвен како еден од првите материјали на центарот. Документот треба да им помогне на новоизбраните градоначалници со практични насоки, чекори и препораки во почетокот на нивниот мандат. Прирачникот, како што беше најавено, ќе биде доставен до сите општини во државата.

Перински, исто така, најавил дека е во тек развојот на нова дигитална алатка преку која општините ќе можат побрзо да бараат поддршка од Министерството, да пристапат до корисни документи, да ги следат новитетите и да комуницираат директно со институцијата.

ИЗДВОЕНИ