Пензионерите тријат раце, ќе има ново покачување, но не се знае колкаво ќе биде

Од септември повторно ќе има покачување на пензиите, но сè уште не се знае дали ќе биде линеарно или процентуално. Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, е поборник за тоа да има линеарно зголемување на пензиите, а и пензионерите се на истиот став. Тие протестираа неодамна, барајќи и во септември да продолжи линеарното зголемување на пензиите, во спротивно, се заканија дека ќе ги бојкотираат локалните избори во октомври. Од Сојузот на синдикатите на Македонија сметаат дека линеарното зголемување на пензиите е многу подобро од процентуалното. Инфлацијата е иста за сите, па според тоа и пензиите треба да бидат зголемени исто за сите

1767

Од септември повторно ќе има покачување на пензиите, но сѐ уште не сме разговарале за тоа дали ќе биде линеарно или процентуално, иако го знаете мојот став – дека јас сум поборник за тоа да има линеарно зголемување на пензиите, изјави министерката за финансии, Гордана Димитриеска- Кочоска. Неодамна пензионерите излегоа на протест со ултиматум дека ако не продолжи линеарното зголемување на пензиите, ќе ги бојкотираат локалните избори во октомври. Имено, со зголемувањето на пензијата за 2.500 денари во март, се заокружи линеарниот пораст на пензиите од 5.000 денари и од септември повторно се враќа примената на методологијата на усогласување на пензиите во однос на порастот на трошоците за живот во висина од 50 отсто и порастот на просечната плата во висина од 50 отсто.

Претставувајќи го предлог-ребалансот на буџетот за 2025 година, Кочоска рече дека вкупниот трансфер од буџетот кон ПИОМ годинава ќе изнесува околу 50 милијарди и дека со предлог-ребалансот се предвидуваат, дополнително, околу 2,5 милијарди.

Фондот за ПИОМ, посочи Кочоска, добива приливи во однос на придонесите што ги остварува буџетот и тие, иако поминуваат преку буџетот, директно се трансферираат во ПИОМ.

– Во првата половина од годинава имаше послаба реализација од она што ни е проектирано до крајот на годинава, затоа што ние проектиравме, а проекцијата ќе се оствари, бидејќи ние немавме усогласување со минималната плата. И понатаму растат платите и сега веќе се чувствува од месец во месец како имаме поголема наплата на придонесите, така што се испланирани 2,5 милијарди. Но, тоа е резултат само на тие ликвидносни недостатоци што ги има ПИОМ во насока на тоа колку остварува тој од сопствените приходи – појасни Кочоска.

Од Сојузот на синдикатите на Македонија велат дека со оглед на тоа дека на пензионерите не им се мери продуктивноста, а инфлацијата е иста за сите, па според тоа и пензиите треба да бидат зголемени исто за сите.

– Линеарното зголемување на пензиите е многу подобро од процентуалното. Пензионерите се револтирани, бидејќи инфлацијата предвреме им ги јаде пензиите, кои не им стигнуваат ниту за сметки, храна и лекови, а камоли за нешто друго. Ако не се зголемат пензиите, ќе мора да се зголеми прагот на пензионирање и да се носат закони што ќе им овозможуваат работа на пензионерите и по пензионирањето – изјавија од ССМ за весникот ВЕЧЕР.

Анализите покажуваат дека за да има одржливост, пензискиот систем треба да има тројца вработени на еден пензионер, а кај нас тој однос е 1,6 вработени на еден пензионер и цело време пензиите се на кредит.

– Треба да се води сметка за реалната вредност на минималните пензии, односно што може да се купи со пензијата, не само за законското усогласување. Кога ќе ги покрива минималната пензија основните животни трошоци, тогаш може да се зборува за процентуално зголемување. Дотогаш мора да се применува линеарното зголемување на пензиите. Моментално, процентуалното зголемување е добро само за оние пензионери што имаат високи пензии. Ние бараме зголемување на платите за да не ни бегаат работниците. Ако немаме работници, и Пензискиот фонд ќе биде во криза. Кога ќе се зголемат платите, ќе се зголемат и придонесите за пензиско, а со тоа и пензиите – изјави Љупчо Радовски од ССМ за весникот ВЕЧЕР.

Доколку не може да има само линеарно зголемување, нивниот предлог е да се оди на комбинирано зголемување на пензиите, еднаш линеарно и еднаш процентуално.

(А.С.)

ИЗДВОЕНИ