Пензионерите со ултиматум – линеарно зголемување или бојкот на локалните избори

Пензионерите минатата недела излегоа на протест со ултиматум дека ако не продолжи линеарното зголемување на пензиите, ќе ги бојкотираат локалните избори во октомври. Имено, со зголемувањето на пензијата за 2.500 денари во март се заокружи линеарниот пораст на пензиите од 5.000 денари и од септември повторно се враќа примената на методологијата на усогласување на пензиите во однос на порастот на трошоците на живот во висина од 50 отсто и порастот на просечната плата во висина од 50 отсто. Од Сојузот на синдикати на Македонија велат дека освен според платите, Македонија е на дното во регионот и според висината на пензиите и сметаат дека линеарното зголемување треба да остане. Доколку тоа не е возможно, тие предлагаат комбиниран модел, односно, линеарно зголемување во март и процентуално во септември

2151

Македонските пензионери бараат да продолжи линеарното зголемување на пензиите, во спротивен случај се заканија со бојкотирање на локалните избори. Минатата недела на протест излегоа пензионерите од Свети Николе, Штип, Куманово и други градови со ултиматум дека нема да излезат на гласање во октомври доколку и во септември не добијат линеарно зголемување на пензиите. Имено, со зголемувањето на пензијата за 2.500 денари во март се заокружи линеарниот пораст на пензиите од 5.000 денари и од септември повторно се враќа примената на методологијата на усогласување на пензиите во однос на порастот на трошоците на живот во висина од 50 отсто и порастот на просечната плата во висина од 50 отсто.  Од Сојузот на синдикати на Македонија велат дека освен според висината на платите, Македонија е на дното во регионот и според висината на пензиите.

– На пензионерите не им се мери продуктивноста, а инфлацијата е иста за сите, па според тоа и пензиите треба да бидат зголемени исто за сите. Поради тоа, линеарното зголемување на пензиите е многу подобро од процентуално. Пензионерите се револтирани бидејќи инфлацијата предвреме им ги јаде пензиите кои не им стигнуваат ниту за сметки, храна и лекови, а камоли за нешто друго. На дното сме во регионот и по плати и по пензии, и ако не се подобри економската состојба, ќе мора да се зголеми прагот на пензионирање и ќе се носат закони кои ќе им овозможуваат работа на пензионерите и по пензионирање, изјавија од ССМ за весникот ВЕЧЕР.

Анализите покажуваат дека за да има одржливост, пензискиот систем треба да има тројца вработени на еден пензионер, а кај нас тој однос е 1,6 вработени на еден пензионер и цело време пензиите се на кредит.

– Никогаш не се води сметка за реалната вредност на минималните пензии, односно што може да се купи со пензијата, туку само за законското усогласување. Кога минималната пензија ќе ги покрива основните животни трошоци, тогаш може да се зборува за процентуално зголемување. Дотогаш мора да се применува линеарното зголемување на пензиите. Моментално, процентуалното зголемување е добро само за оние пензионери што имаат високи пензии. Ние бараме зголемување на платите за да не ни бегаат работниците. Ако немаме работници, ќе биде во криза и Пензискиот фонд. Кога ќе се зголемат платите, ќе се зголемат и придонесите за пензиско, а со тоа и пензиите, изјави Љупчо Радовски од ССМ за весникот ВЕЧЕР.

Доколку не може да има само линеарно зголемување, нивниот предлог е да се оди на комбинирано зголемување на пензиите, еднаш линеарно и еднаш процентуално.

– Само со линеарно зголемување на пензиите може да имаме достоинствен живот и да се намалат разликите меѓу највисоката и најниската пензија во државата. Да продолжиме да си го бараме тоа исто покачување, односно, усогласување на пензиите линеарно, не процентуално, изјави Трајче Станојков од Иницијативниот одбор на пензионерите.

Голем дел од пензионерите, кои во текот на работниот век немале високи плати или придонесите им биле уплаќани на минимален износ, се приматели на ниски пензии. Затоа, меѓу барањата со кои настапуваа на протестите беше и утврдување на минимална пензија од 18, односно 20 илјади денари.

Иако двапати годишно се прават усогласувања, износот на просечната пензија е најнизок во регионот. Изразено во денари, македонските пензионери земаат просечна пензија во износ од 26.258 денари.

(А.С.)

ИЗДВОЕНИ