петок, јануари 23, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Пензионерите на цена – потребни им се на газдите, а пензиите не...

Пензионерите на цена – потребни им се на газдите, а пензиите не им се доволни

Со Законот за работно ангажирање лица, кој стапи на сила на почетокот од годинава, се очекува околу 16 илјади пензионери и студенти легално да бидат вработени. Од Министерството за економија велат за весникот ВЕЧЕР дека веќе функционира системот и дека процедурите за пријавување, одјавување и уплата на придонеси се едноставни и се одвиваат електронски. Работодавецот што ги ангажира работниците ги регистрира онлајн преку апликацијата што ја има на веб-страницата на Агенцијата за вработување. Инаку, претходно пензионерите можеа да работат само со договор на дело или со авторски договор, а работодавците имаа обврска да плаќаат само 10 отсто персонален данок. Притоа, ако беше вработен, на пензионерот му се запираше исплатата на пензијата или можеше да остане да работи на црно

85

Пензионери, студенти, ученици и невработени ќе можат да работат без да се плашат дека ќе ја изгубат пензијата, стипендијата или социјалната помош. Со Законот за работно ангажирање лица, кој стапи на сила на почетокот од годинава, се очекува околу 16 илјади пензионери и студенти легално да бидат вработени. Инаку, претходно пензионерите можеа да работат само со договор на дело или со авторски договор, а работодавците имаа обврска да плаќаат само 10 отсто персонален данок. Притоа, ако беше вработен, на пензионерот му се запираше исплатата на пензијата или можеше да остане да работи на црно. Сега ангажирањето пензионери е регулирано со закон, кој има цел задоволување на потребата од работна сила и намалување на сивата економија.

Како што појаснуваат од Министерството за економија за весникот ВЕЧЕР, ова законско решение ќе овозможи сезонско ангажирање на оние што сакаат да работат, а веќе остваруваат приход по некоја друга основа.

– Системот веќе функционира, а процедурите за пријавување, одјавување и уплата на придонеси се едноставни и се одвиваат електронски. Работодавецот што ги ангажира работниците ги регистрира онлајн преку апликацијата што ја има на веб-страницата на Агенцијата за вработување. И пресметката за плата се поднесува на стандарден начин, како и за другите плати – појаснуваат од Економија.

Оттаму додаваат дека преку овој Закон, сега газдите ќе можат да ги регистрираат пензионерите што веќе работат и да им плаќаат од час, како и да им плаќаат данок на личен доход, придонес за пензиско и за инвалидско осигурување, дополнителен придонес за задолжително здравствено осигурување во случај на повреда на работа или професионално заболување.

Ова практично значи дека со овој Закон сите добиваат; работодавците, кои имаат недостиг од работна сила, ќе добијат работници, пензионерите и студентите што работат сега ќе може да го прават тоа легално и ќе бидат платени за тоа, а државата ќе ги зголеми приходите во буџетот по основ на данок на доход.

– Нема да се објавува посебно оглас за вработување пензионери или студенти, туку оние што веќе работат ќе се пријавуваат по основ на овој Закон. Така, сега газдите ќе можат да ги пријавуваат студентите што работат во кафулињата според овие услови, односно ќе им тече стаж и здравствено осигурување – велат за ВЕЧЕР од Министерството за економија.

За да се олесни процедурата за работодавците, ќе се воведе мобилна апликација преку која тие ќе можат веднаш да ги пријават или да ги одјават лицата што ги ангажираат.

Според Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи, досега овие лица немаа право официјално да работат и да ја задржат пензијата, стипендијата или социјалната помош.

– Овие лица и досега работно се ангажираа, но се злоупотребуваше Законот. Имено, досега се работеше со договор на дело и онаму каде што забрануваше Законот, а тоа е кога се ангажираше работникот – пензионерот или студентот – за извршување на основната дејност на фирмата. Проблем е што има многу ограничувања околу периодот на ангажирање на овие работници, односно тие можат да работат максимум шест месеци во годината или 15 дена месечно. Тоа значи дека доколку сте ангажирале некој пензионер, на пример, бидејќи се работи за сезонско ангажирање, тој може да работи само шест месеци, потоа нема да може да работи. По шест месеци, доколку продолжи да работи, тоа ќе биде на црно. Од друга страна, прашање е дали е уставно да му го ограничуваш тоа право на некој што сака да работи – вели Димитров.

Смета дека поради овие недостатоци, овој Закон може да биде пилот- проект што ќе ги покаже добрите и лошите страни, а потоа ќе се измени и дополни со тоа што ќе се тргнат овие ограничувања за периодот на ангажирање.

Експертите коментираат дека пензионерите сега се на цена на пазарот на трудот, бидејќи им се потребни на работодавците поради недостигот на работна сила, а, од друга страна, на пензионерите не им е доволна пензијата. Според податоците на „Евростат“, во Европската Унија 13 отсто од пензионерите продолжиле да работат по добивањето пензија.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ