Пензионерите и студентите пола година ќе работат легално, а потоа пак на црно

Новиот Закон за работно ангажирање лица ќе овозможи легално краткорочно ангажирање  работници во земјоделството, угостителството и во услужните дејности, со пријавување преку мобилна апликација. Според работодавците, Законот ќе придонесе за намалување на недостигот од работна сила, но проблем е што има многу ограничувања околу периодот на ангажирање на овие лица. –Тоа значи дека доколку сте ангажирале некој пензионер, на пример, бидејќи се работи за сезонско ангажирање, тој може да работи само шест месеци. По шест месеци, доколку продолжи да работи пензионерот, тоа ќе биде на црно. На овој начин, наместо да се намали, ќе се стимулира работата на црно – изјави за весникот ВЕЧЕР Ангел Димитров, член на Управниот одбор на Организацијата на работодавачи

151

Пензионерите, студентите и невработените од 1 јануари 2026 година ќе можат да бидат работно ангажирани, и тоа ќе биде регулирано со закон. И досега некои од овие категории лица беа ангажирани во некои компании, но тоа беше регулирано со договор на дело или, пак, работеа на црно. Според работодавците, Законот ќе придонесе за намалување на недостигот од работна сила, но проблем е што има многу ограничувања околу периодот на ангажирање на овие лица. Имено, според законските одредби, лицата ќе може да бидат работно ангажирани од 120 до 180 дена годишно, зависно од дејноста, или максимум 15 дена месечно.

Како што изјави за весникот ВЕЧЕР Ангел Димитров, член на Управниот одбор на Организацијата на работодавачи, досега овие лица немаа право официјално да работат и да ја задржат пензијата, стипендијата или социјалната помош.

– Овие лица и досега работно се ангажираа, но се злоупотребуваше Законот. Имено, досега се работеше со договор на дело и онаму каде што забранува Законот, а тоа е кога се ангажираше работникот – пензионерот или студентот – за извршување на основната дејност на фирмата. Сега пензионерите, студентите… ќе можат да работат, а газдата да им плаќа само придонеси за пензиско и за вработување, но не и за здравствено осигурување. Сè уште не е дефинирано дали ќе влијаат овие придонеси за пензиско, кои ќе ги плаќаат газдите, на висината на пензијата – објаснува Димитров.

Според него, проблем е што има многу ограничувања околу периодот на ангажирање на овие работници, односно тие можат да работат максимум шест месеци во годината или 15 дена месечно.

– Тоа значи дека доколку сте ангажирале некој пензионер, на пример, бидејќи се работи за сезонско ангажирање, тој може да работи само шест месеци, по тоа нема да може да работи. По шест месеци, доколку продолжи да работи пензионерот, тоа ќе биде на црно. На овој начин, наместо да намали, ќе се стимулира работата на црно. Од друга страна, прашање е дали е уставно на некој што сака да работи да му го ограничуваш тоа право – вели Димитров.

Смета дека поради овие недостатоци, овој Закон може да биде пилот- проект што ќе ги покаже добрите и лошите страни, а потоа ќе се измени и дополни со тоа што ќе се тргнат овие ограничувања за периодот на ангажирање.

Според власта, новиот Закон за работно ангажирање лица првпат ја регулира областа на сезонската работа во Македонија и ќе влијае на намалувањето на сивата економија, бидејќи со него ќе се овозможи легално, флексибилно и безбедно ангажирање различни категории граѓани.

– Овој закон е револуционерен и првпат се носи во нашата држава. Со него се овозможува работно ангажирање на невработени, вработени лица, студенти и пензионери. Тие нема да го загубат бенефитот: пензионерите – пензионерскиот статус, студентите – студентскиот, а невработените – социјалните бенефити. Со Законот ќе се интензивира борбата со неформалната економија, односно работата на црно. Мобилната апликација ќе овозможи моментална пријава и одјава и ќе обезбеди дополнителни приноси за лицата што сакаат да бидат ангажирани за подобрување на својата економска состојба – изјави заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески.

Новата регулатива ги опфаќа трите најдинамични области: угостителството, земјоделството и услужните дејности, кои, традиционално, имаат најголема потреба од сезонска работна сила.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ