вторник, февруари 3, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Пензионерите и студентите шест месеци ќе работат легално, а потоа во сивата...

Пензионерите и студентите шест месеци ќе работат легално, а потоа во сивата економија

Со новиот Закон за работно ангажирање се очекува формализација на работата на 17.400 лица во земјоделството, шумарството, рударството, угостителство, објекти за сместување и други услуги каде што најголем број од лицата работеле на црно.  Владата очекува намалување на сивата економија, додека работодавачите предупредуваат дека ограничувањето од 15 дена месечно и шест месеци годишно може да создаде нови проблеми, односно останатите шест месеци да работат на црно

309

Пензионери, студенти, ученици и невработени ќе можат да работат без да се плашат дека ќе ја изгубат пензијата, стипендијата или социјалната помош. Со Законот за работно ангажирање лица, кој стапи на сила на почетокот од годинава, се очекува околу 17.400 лица легално да бидат вработени. Инаку, претходно пензионерите можеа да работат само со договор на дело или со авторски договор, а работодавците имаа обврска да плаќаат само 10 отсто персонален данок. Притоа, ако беше вработен, на пензионерот му се запираше исплатата на пензијата или можеше да остане да работи на црно. Сега ангажирањето пензионери е регулирано со закон, кој има цел задоволување на потребата од работна сила и намалување на сивата економија.

Како што појаснуваат од Министерството за економија со ова законско решение ќе овозможи сезонско ангажирање на оние што сакаат да работат, а веќе остваруваат приход по некоја друга основа.

– Целта на овој закон е формализирање на сивата економија, која е дел од реформската агенда и еден од стратешките приоритети на Владата зашто директно влијае на економскиот раст, стабилност на јавните финансии и заштита на работниците. Според статистичките податоци во 2024 година имало 694 илјади вработени од кои 85 илјади биле неформално ангажирани, што е сериозен предизвик кој бара решение. И покрај мерките и програмите што ги презема државата многу од вработените лица беа надвор од формалните текови, поради тоа беше донесен о овој закон, истакна министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.

Во првата фаза, како што рече ќе бидат ангажирани работници во земјоделството, шумарството, рударството, угостителство, објекти за сместување и други услуги каде што најголем број од лицата работеле на црно. Се очекува со овој закон да бидат ангажирани 12 илјади во земјоделство и 5.400 во туризам, угостителство и сместувачки капацитети, односно вкупно 17.400 лица.

Системот веќе функционира, а процедурите за пријавување, одјавување и уплата на придонеси се едноставни и се одвиваат електронски. Работодавецот што ги ангажира работниците ги регистрира онлајн преку апликацијата што ја има на веб-страницата на Агенцијата за вработување, а пресметката за плата се поднесува на стандарден начин, како и за другите плати.

Министерот Дурмиши појасни дека преку овој Закон на лицата што работат ќе им се плаќа од час, а ќе им се плаќаат и придонеси за пензиско и за инвалидско осигурување, дополнителен придонес за задолжително здравствено осигурување во случај на повреда на работа или професионално заболување.

Ова практично значи дека со овој Закон работодавците, кои имаат недостиг од работна сила, ќе добијат работници, пензионерите и студентите што работат сега ќе може да го прават тоа легално и ќе бидат платени за тоа, а државата ќе ги зголеми приходите во буџетот по основ на данок на доход.

– Овие лица и досега работно се ангажираа, но се злоупотребуваше Законот. Имено, досега се работеше со договор на дело и онаму каде што забранува Законот, а тоа е кога се ангажираше работникот – пензионерот или студентот – за извршување на основната дејност на фирмата. Сега пензионерите, студентите… ќе можат да работат, а газдата да им плаќа само придонеси за пензиско и за вработување, но не и за здравствено осигурување. Сè уште не е дефинирано дали ќе влијаат овие придонеси за пензиско, кои ќе ги плаќаат газдите, на висината на пензијата, изјави за весникот ВЕЧЕР Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи.

Според него, проблем е што има многу ограничувања околу периодот на ангажирање на овие работници, односно тие можат да работат максимум шест месеци во годината или 15 дена месечно.

– Тоа значи дека доколку сте ангажирале некој пензионер, на пример, бидејќи се работи за сезонско ангажирање, тој може да работи само шест месеци, по тоа нема да може да работи. По шест месеци, доколку продолжи да работи пензионерот, тоа ќе биде на црно. На овој начин, наместо да намали, ќе се стимулира работата на црно. Од друга страна, прашање е дали е уставно на некој што сака да работи да му го ограничуваш тоа право – вели Димитров.

Смета дека поради овие недостатоци, овој Закон може да биде пилот- проект што ќе ги покаже добрите и лошите страни, а потоа ќе се измени и дополни со тоа што ќе се тргнат овие ограничувања за периодот на ангажирање.

(А.С.)

ИЗДВОЕНИ