Пензионери ги даваат сите свои пари за да крстосуваат со брод по светот до крајот на животот

За цена од 99.999 до 299.999 долари се добива златен пасош за патување до 140 земји

85

Компанија што организира крстосувања со брод им нуди на пензионерите единствена можност да пловат по морињата до крајот на животот, со златен пасош.

Новата програма „Бескрајни хоризонти“, лансирана од „Вила ви резиденсис“, им нуди на гостите доживотен престој на крузер со целосна услуга. Почетната цена на златниот пасош е 99.999 долари (86.230 евра), а гостите што го поседуваат можат континуирано да пловат до повеќе од 400 дестинации во 140 земји. Секое крстосување трае од три до три и пол години, а повеќето посети на пристаништа се од два до три дена, давајќи им на гостите доволно време да ја истражат секоја дестинација додека е закотвен бродот.

На гостите им се нуди целосна услуга, вклучувајќи јадење, перење, чистење, забава и пристап до Интернет, како и вино или пиво што се служи со оброците. Тие, исто така, имаат право на бесплатни годишни медицински прегледи за да се осигурат дека се во добра здравствена состојба.

Опцијата од 99.000 долари е резервирана за оние над 90 години. Колку се помлади толку повеќе треба да платат. Најскапо е за луѓето на возраст меѓу 55 и 60 години, за кои златниот пасош чини 299.999 долари.

– Додека да се пензионираат, еден од најголемите стравови на луѓето е дека може да ги надживеат своите пари – рече за „Дејли мејл“ основачот на „Вила ви резиденс“, Мајк Петерсон.

Тој појаснува дека, со златниот пасош, исчезнува таа неизвесност, зашто едно плаќање обезбедува авантура за цел живот.

– Нашите цени на ниво на возраста гарантираат дека „Бескрајни хоризонти“ повеќе не е само сон за малкумина, туку достижна реалност за многумина – додава Петерсон.

Патниците велат дека не го гледаат бродот како можност за патување, туку го сметаат за свој дом. Меѓу сопствениците на златен пасош има и млади луѓе, кои изјавуваат дека поевтино им е да живеат на брод отколку да имаат дом некаде на копно.

– Треба да се штипнеме за да откриеме дали е сон, зашто ништо не е како ова. Ако си во пензија, а сакаш да патуваш и да се дружиш со луѓе, од финансиска перспектива, ова е добро. Ќе го направам, колку побрзо толку подобро, зашто овој концепт има иднина – вели Дарел Карп, кој планира да купи златен пасош и до крајот на животот да плови по светот.

ИЗДВОЕНИ