
Пентагон тивко го блокира користењето на американските тактички ракетни системи (ATACMS) од страна на Украина за напади длабоко на руска територија, ограничувајќи ја способноста на Киев да се одбрани од инвазијата на Москва со помош на ова оружје, објави „Волстрит џурнал“ (WSJ), повикувајќи се на американски претставници.
Според WSJ, министерот за одбрана Пит Хегсет го има последниот збор кога станува збор за употребата на системот ATACMS.
Кабинетот на украинскиот претседател и Министерството за одбрана не го коментираа извештајот на WSJ, ниту Белата куќа и Пентагон, истакнува Ројтерс.
Веста за американските ракети со долг дострел доаѓа во време кога американскиот претседател Доналд Трамп станува сè пофрустриран од тригодишната војна и неговата неспособност да обезбеди мировен договор меѓу Русија и Украина.
Откако неговиот самит со рускиот претседател Владимир Путин и последователните состаноци со европските лидери и украинскиот претседател Володимир Зеленски не донесоа видлив напредок, Трамп изјави дека размислува за воведување економски санкции врз Русија или повлекување од мировниот процес.
„Ќе донесам одлука за тоа што ќе правиме и тоа ќе биде многу важна одлука, без разлика дали ќе воведеме сеопфатни санкции или огромни тарифи, или и двете, и можеби нема да направиме ништо и да кажеме: Тоа е вашата борба“, рече Трамп.
Трамп се надеваше дека ќе договори билатерална средба меѓу Путин и Зеленски, но и тоа се покажа како многу тешко. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави за NBC дека нема договорена агенда како предуслов за средба со Зеленски.
„Путин е подготвен да се сретне со Зеленски кога ќе се договори агендата за самитот. И таа сè уште не е подготвена“, рече Лавров, додавајќи дека засега не е планирана таква средба.
Путин постојано предупредува дека украинската армија не може да користи високопрецизно оружје со долг дострел без директно учество на офицери на НАТО. Ова, како што нагласи, би го вклучило Западот директно во војната против Русија.