Поранешниот претседател на Македонија, Стево Пендаровски, реагира на обвинувањата на премиерот Христијан Мицкоски дека тој за време на својот мандат во ковид-пандемијата донел незаконски и неуставни одлуки.
Пендаровски, како што посочува, до Собранието ги доставил сите одлуки поврзани со прогласувањето на вонредната состојба, а Уставниот суд веќе се изјаснил во однос на легалноста.
- Навистина мислев да не му давам на значење на господинот Мицкоски, затоа што ја разбирам неговата потреба катастрофалните ’резултати’ од своето досегашно владеење да ги покрива со коментари за работи кои не ги разбира, но, заради јавноста ќе морам да објаснам некои работи кои за жал на ’експертот за енергетика’ претходно не му ги објасниле неговите ’големи правници’. Имено, Уставниот суд уште пред повеќе од пет години со мнозинство гласови потврди дека одлуките за вонредната состојба се во склад со Уставот и законите, вели Пендаровски.
Во објавата на Фејсбук, Пендаровски посочува и дека уредбите со законска сила ги носеше и ги имплементираше Владата.
- Дали таму имало злоупотреби, тоа државните институции кои сега се под тотална контрола на Мицкоски можат да го проверат кога сакаат, ако сакаат. Трето, сите одлуки за прогласување на вонредна состојба беа доставени од моја страна до Собранието и тоа веднаш по завршувањето на таа состојба. Мене ми е јасно дека и ова образложение нема да го спречи Мицкоски да продолжи неосновано да обвинува и клевети, затоа што тоа е, за жал, единствениот начин на кој е научен да владее, порачува Пендаровски.











