Генералната обвинителка на САД, Пем Бонди, изјави дека се надева дека Гислен Максвел, соучесничката на починатиот осуден сексуален престапник Џефри Епштајн, „ќе умре во затвор“.
За време на сведочењето пред Комитетот за правосудство на Претставничкиот дом на САД, демократската претставничка Дебора Рос праша дали американскиот претседател Доналд Трамп треба да ја помилува Максвел или да ја ублажи нејзината казна, на што Бонди одговори негативно, објави Си-Ен-Ен.
Бонди тврдеше дека не била вклучена во одлуката за преместување на Максвел од затвор во Флорида во затвор со понизок степен на обезбедување во Тексас минатото лето, нагласувајќи дека не се согласувала со таа одлука.
Порано оваа недела, Максвел изјави дека е подготвена да сведочи пред Комитетот за надзор на Претставничкиот дом доколку Трамп ѝ одобри помилување или ублажување на казната, откако таа одби да сведочи врз основа на нејзиното уставно право да молчи, одбивајќи да одговара на прашања од членовите на комитетот.
Си-Ен-Ен објави дека Трамп сè уште не ја исклучил можноста на Максвел да и одобри помилување или ублажување на казната.
Бонди, исто така, за време на нејзиното сведочење рече дека Министерството за правда на САД (DOJ) ќе ги отстрани редигациите од имињата на мажите во документите поврзани со случајот Епштајн кои не требало да бидат редигирани, и нагласи дека „длабоко жали“ за сите оние кои претрпеле злоупотреба и нагласи дека е посветена на борбата за жртвите.
„Ако името на маж е редигирано, а не требало, секако дека ќе го откриеме тоа. Ако името на жртвата е редигирано, ве молиме пријавете ни го тоа и ние ќе го редигираме“, рече Бонди.
Бонди истакна дека на Министерството за правда му биле дадени само 30 дена за обработка на документите, задржувајќи одредени податоци, како што се личните информации на жртвите.
Бонди беше обвинета дека повеќе се грижи за лојалност кон Трамп , отколку за почитување на уставот и дека не презела доволно мерки за да го заштити идентитетот и интересот на жртвите на Епстин и за откривање на неговите соучесници, кои исто така ги злоупотребувале малолетните девојчиња.
Сведочењето на американската јавна обвинителка се одвива во исклучително тензична атмосфера, со чести прекинувања и расправи, како уште илустрација за исклучително тензичната атмосфера во САД, околу скандалот кој предизвика сериозни политички потреси во државата, но и надвор од неа.
Повеќе држави започнаа истраги за свои државјани, чии имиња се појавија во документите поврзани со Епстин, а под особено голем притисок е и британскиот премиер, Кир Стармер, од кого дел од јавноста и политичките претставници побараа и оставка.












