Љубителите на боречките вештини викендов можеа да уживаат во неколку извонредни борби во пеливанство, кои се одржаа во Сарај, во рамките на турнирот организиран од пеливанското борење во Македонија.

Пеливанството се смета на најстара форма на народен боречки спорт, кој ја стекнал својата популарност со отоманското освојување на Балканот. Потсетува на современото олимписко борење во слободен стил.

Неговата појава во нашиот регион е поврзана со пристигнувањето на Турците, а зборот „пеливан“ потекнува од персискиот јазик и означува херој. Во поширока смисла на зборот, пеливан е човек со извонредна физичка способност, кој се занимава со специфична народна форма на борење.

Инаку, победникот на борбата изведува специфични ритуални движења на музика од зурли и тапани, а потоа гледачите го наградуваат лепејќи му пари по телото, кое претходно му е намрсено.

Пеливанскиот турнир не е само спортски туку и културен настан, па гледачите можеа да уживаат во борбите, кои беа зачинети со традиционална музика.

Инаку, овој турнир не е прв од ваков вид, бидејќи пред само една недела се одржа турнир и во Студеничани, каде што имаше голема посетеност, исто како и викендов во Сарај.

Фотогалерија од турнирот во Сарај:

ФОТО: П. СТОЈАНОВСКИ

 

ИЗДВОЕНИ