ПЕЛИСТЕР: За оваа управа на ФК Вардар, веќе нема место на нашиот стадион!

215

Раководството на ФК Пелистер, преку соопштение, информираше дека ги прекинува сите институционални односи со ФК Вардар и тоа поради недоличното однесување на гостинските навивачи кои кршеле столчиња на трибината, но и поради некоректни изјави и објави на социјалните мрежи на највисокото раководство на Вардар

– Битолчани објавија дека во иднина нема да примаат гостински навивачи на својот стадион откако „комити“ скршиле неколку столчиња на трибината од стадионот „Петар Милошевски“, а поради некоректни изјави и објави на социјалните мрежи на највисокото раководство на Вардар, се прекинуваат и односите меѓу двете македонски спортски имиња.

ФК Пелистер ја известува јавноста дека дел од столчињата и трибинскиот простор на јужната трибина, каде што се наоѓаа навивачите на Вардар на натпреварот Пелистер – Вардар на 5 ноември се оштетени и сквернавени. Заради заштита на нашиот стадион, во иднина нема да дозволиме присуство на гостински навивачи на стадионот „Петар Милошевски“.

Исто така сакаме да ги апострофираме некоректните изјави на одредени медиуми и објави на социјалните мрежи на високи претставници на ФК Вардар, кои иницираат омраза и инциденти. Ако на ова го додадеме присуството на големо обезбедување на извршниот директор на Вардар, минатата година и наоружано, во свечената ложа на стадионот „Петар Милошевски“, одлучивме да ги прекинеме институционалните односи со ФК Вардар.

Ваквиот принцип не е наш принцип и не сакаме да бидеме дел од ваков однос и соработка. За оваа управа на ФК Вардар веќе нема место на нашиот стадион, во нашата свечена ложа, во нашиот ВИП-простор. Пелистер ќе го почитува секој оној што ќе покаже почит кон Пелистер.

Во случај на промени и поставување соодветни лица, достојно за имиџот и традицијата на ФК Вардар, спремни сме да подадеме рака на соработка, пишува во официјалното соопштение.

ИЗДВОЕНИ