Кошаркарскиот клуб МЗТ Скопје уште еднаш покажа кој е владетел во Македонија, откако оствари голема победа кај главниот конкурент за титулата, екипата на Пелистер. Тимот од Аеродром славеше со 72:67 на гостувањето во Битола и сега двата тима имаат идентичен биланс од пет победи и еден пораз.
Но, само еден ден по победата, тимот на МЗТ Скопје излезе со соопштение во кое од клубот велат дека противничкиот тим го нарушуваат спортскиот дух, фер-плејот и достоинството на оваа благородна игра.
Соопштението ви го испраќаме во целост:
Изминативе години во македонската кошарка, а особено во Битола, сведоци сме на серија настани што го нарушуваат спортскиот дух, фер-плејот и достоинството на оваа благородна игра. Наместо напредок, сведочиме на длабоки поделби, притисоци и постојани обиди вината за сопствените неуспеси да се префрли врз судиите, федерацијата, противниците или медиумите.
Но, вистината сите ја знаеме! Главниот проблем не е во другите, туку во политиките и во одлуките што со години се носат од врвот на Пелистер – од луѓето кои заборавија што значи чесно управување, спортска култура и одговорност. Сведоци сме дека во последните три сезони во клубот се создаде токсична атмосфера на страв, притисок и поделби. Наместо сплотеност и идеал за спортска гордост, гледаме како личните интереси и суетата стануваат поважни од дресот, играчите и градот. Битола, град со огромна спортска традиција, денес станува сѐ – само не кошаркарски центар, токму поради ваквото погрешно раководење.
Синоќешниот натпревар, кој нашиот клуб чесно го доби на паркетот (72-67), уште еднаш го потврди тоа. Наместо спортски амбиент, уште на самиот почеток сведочевме на различни видови притисоци, нервоза и недолични обиди за влијание – на теренот и надвор од него. И повторно, виновниците се бараат меѓу судиите и гостинските екипи, само не таму каде што навистина лежи одговорноста.
Време е конечно да престанат заканите, притисоците и играта со угледот на другите. Време е некој да се погледне во огледало и да признае дека спортски колектив не се гради само со исплата на паушали, туку со чесност, визија и сплотеност. Спортски клуб значи семејство, вредности и заедништво — нешто што одамна е изгубено во овој случај.
Нашиот клуб, нашите играчи и навивачи нема да дозволат некој да си игра со нашиот углед, име и чест. Ние не сме третокласен клуб, ниту ќе дозволиме некој да се изживува врз нашите репрезентативци и луѓе кои достоинствено ја претставуваат државата.
Дојде време одговорноста да ја понесе оној што со години ги креира овие деструктивни политики и атмосфера на омраза. Македонската кошарка заслужува чиста игра, достоинствени луѓе, спортска чест и вистински вредности, соопштија од редовите на актуелниот шампион.











