Направивме анализа со цел да им помогнеме на граѓаните полесно да се одлучат со кој енергенс (струја, дрва, пелети, парно греење) зимава да ги затоплуваат своите простории. Анализата покажа дека затоплувањето со пелети е најисплатливо за граѓаните, иако до пред неколку години беше најскапо и според моменталните цени, е поевтино од греењето со огревно дрво, со парно или со инвертер клими

Пожарите стивнаа, но набргу, за два и пол месеци, ќе почне грејната сезона и граѓаните се прашуваат на што е најисплатливо да се греат зимава. Направивме анализа со цел да им помогнеме полесно да се одлучат со кој енергенс (струја, дрва, пелети, парно греење) да ги затоплуваат своите простории во претстојнава зима.

Греењето на пелети – поевтино од она со дрва

Анализата што ја направи весникот ВЕЧЕР покажа дека затоплувањето со пелети е најисплатливо поради ниската цена, иако до пред неколку години беше најскапо.

Затоплувањето со печка со пелети на површина од 60 квадратни метри чини од 2.500 до 3.500 денари месечно. Овој начин на греење е еколошки поприфатлив и со оглед на тоа што е падната цената на пелетите, во моментов е поевтин од греењето со огревно дрво. Печката на пелети троши од 10 до 15 килограми пелети дневно, а цената на пелетите, во зависност од квалитетот и од тежината во стовариштата и на Интернет, чини од 210 до 250 денари за 15 килограми. Од тоа произлегува дека месечните трошоци изнесуваат 2.500-3.500 денари во грејна сезона.

Греењето на струја е еколошки прифатливо

Затоплувањето со инвертер клими од година на година станува сѐ поатрактивно. Тоа се должи на поволностите што ги нудат надлежните институции за набавка на ваков тип грејни тела, но и на желбата на населението за почист воздух. Дополнителна причина за избор и набавка на инвертер клима-уред е што може да се користи и во лето, кога температурите се исклучително високи. Токму поради ваквите поволности, овој начин на греење и на ладење на домовите е сѐ поактуелен и попопуларен. И повеќе општини го промовираат овој начин на греење со тоа што субвенционираат, односно им помагаат на оние што сакаат да се греат со инвертер.

Потрошената електрична енергија и добиената топлинска енергија од инвертер клима-уредот варираат во зависност од квалитетот на уредот. Потрошувачката на енергија се движи од 0,800 до 1kW на час континуирано работење на уредот, а за таа количина потрошена моќност се добива топлинска енергија од 4 до 6,3 kW. ТА (термоакумулациона печка) од 3 kW троши електрична енергија за да дистрибуира 3 kW топлинска енергија, и тоа препорачливо е да се загрева ноќе, на евтина тарифа, во спротивно потрошувачката расте. Електричен котел од 6 kW троши 6 kW за добиените 6 kW топлинска енергија. Со еден збор, сите грејни уреди, освен инвертер климата, што користат електрична енергија како извор на топлинска енергија, произведуваат само 1 kW топлинска енергија за 1 kW потрошена електрична енергија.

Инаку, експертите не го препорачуваат затоплувањето со инвертер како главно, туку само како помошно, бидејќи при екстремно ниски температури, под – 15 Целзиусови степени, тој најчесто не може да работи или не може доволно да загрее.

Греењето со инвертер, значи со користење електрична енергија за стан со површина од 60 квадратни метри, за 6 месеци грејна сезона, чини од 24.000 до 25.000 денари. Според експертите, ако дневно се трошат по 140 денари за загревање или од 4.200 до 4.500 денари месечно во грејна сезона и 15.000 денари (за 6 месеци) надвор од грејна сезона, се доаѓа до 39.000 до 40.000 денари годишно, колку што би го чинело едно домаќинство ако ја користи струјата за затоплување.

Познавачите велат дека во Македонија најчесто се грее една соба. Доколку, пак, се загреваат повеќе простории или домаќинството има сопствено парно греење на дрва, потрошувачката на огревно дрво оди и до 20 и повеќе кубни метри на годишно ниво за што се неопходни и повеќе од 100.000 денари годишно.

Во Македонија особено е тешко да се процени колку домаќинства се греат на електрична енергија, бидејќи никој нема обврска да најави со што ќе се грее.

Греењето на струја, според експертите, во моментов е еколошки најприфатливо за урбаните средини, но ако се земе предвид дека 70 отсто од потребите за електрична енергија се обезбедуваат од РЕК „Битола“, која работи на јаглен, значително се загадува животната средина во непосредна околина на термоцентралата.

Со парно се затоплува цел стан

Скопје е единствениот град во земјава со централен топловоден систем, иако има мрежа и во Битола, но поради нерентабилност, веќе неколку години воопшто не се користи. Сепак, има најави да профункционира за следнава грејна сезона. Според пресметките, затоплувањето на стан од 60 квадратни метри чини 2.500 денари месечно или 30.000 денари годишно. Најголем дел од корисниците го плаќаат парното на 12 рати, што значи дека ако се плаќа сметка само во грејна сезона, тогаш месечниот трошок од 15 октомври до 15 април би бил 5.000 денари.

Корекција на цената на топлинска енергија на трите системи во градот Скопје се прави на 1 август, но овој пат Регулаторната комисија за енергетика не направи промена.

– Констатиравме дека за донесување одлука што во целост ќе ги рефлектира реалните трошоци на сите регулирани дејности, особено производството на топлинска енергија, дополнително е потребна процена на вредноста на основните средства – топланите, кои се во сопственост на една компанија, а се дадени под закуп на „ЕСМ Производство на топлинска енергија“ – рече првиот човек на РКЕ, Марко Бислимоски.

Тој очекува до септември или октомври Бирото за процена да ја достави процената на топланите, по што РКЕ ќе донесе нова одлука за цената за производство на топлинска енергија за сите претпријатија што вршат регулирана дејност производство на топлинска енергија, која најмногу ќе зависи од цената на природниот гас на берзите. Во моментов, како што кажа Бислимоски, цената на природниот гас е за едно до две евра пониска од онаа што беше при носењето на одлуката во јануари.

Има доволно огревно дрво

Според експертите, ако греењето со електрична енергија е еколошки најприфатливо, затоплувањето со огревно дрво сè уште е економски најисплатливо во деловите од земјава каде што нема централно греење. Пресметките покажуваат дека просечно македонско домаќинство одвојува од 24 до 40 илјади денари годишно доколку го користи дрвото за затоплување.

Експертите велат дека просечно македонско домаќинство годишно користи од три до 10 кубни метри огревно дрво за загревање или најчесто околу шест кубни метри. Доколку се подели вкупната дрвна маса што се произведува во земјава на годишно ниво, која изнесува околу 780.000 кубни метри, со просечниот број кубни метри неопходни за греење, се добива дека повеќе од 130.000 домаќинства се греат на огревно дрво.

Во стовариштата што ги прашавме велат дека имаат дрва за огрев и не очекуваат да има проблем со снабдувањето. Цените се движат од 3.900 до 4.100 денари за кубик бука, односно од 4.000 до 4.200 денари за кубик дабово огревно дрво, суво цепено, а во цената се вклучени и доставувањето и растоварувањето.

Граѓаните, особено оние со пониски примања и пензии, велат дека во ЈП „Национални шуми“ треба да поведат сметка околу цената на дрвата и таа да биде достапна за да може и луѓето што се со минимални примања да си купат дрва и да не се залажуваат дека ќе заштедат доколку купат на црно, а, исто така, треба да се поведе сметка и да се определи една цена над која продавачите нема да смеат да ги продаваат.

– Го крадат народот со тоа што му доставуваат помалку кубни метри дрва, а цената си ја прават како што ќе им текне – вели една пензионерка.

Заменик-директорот во ЈП „Национални шуми“, Кире Михаилов, вели дека примарна обврска на претпријатието е да го снабдува населението со огревно дрво, но и да ги спречува дрвокрадците да ги пустошат шумите.

– Пожарите стивнаа, но продолжува снабдувањето на населението со огревно дрво. Во понеделникот направив ненајавена контрола на возилата што ги затековме дека превезуваат огревни дрва во Кичевско-гостиварскиот Регион, а денот го завршив со контрола во Дебарца, каде што посетивме и сеча што ја изведуваат фирми и лица согласно со однапред склучени договори со ЈП „Национални шуми“. Она што особено ме радува е тоа што при оваа ненајавена контрола, сите возила што беа затечени и контролирани, беа исправни и кај сите нив количините дрва што ги превезуваа одговараа на она што беше запишано во испратниците и сите количини на дрва беа жигосани во доволен процент согласно со Законот и со правилниците за работа. Не велам дека за една година сме средиле сè и дека сè е кристално чисто, но времињата се менуваат и оддалеку се гледа дека полека, но сигурно го враќаме шумарството онаму каде му е местото во општеството, а тоа е да го направиме претпријатие во кое ќе има, пред сè, чесно работење, т.е. претпријатие во кое секој ќе си ги работи своите задачи согласно со законските правила и уредби, без никакви злоупотреби – потенцира Михаилов.

Греењето со гас не загадува

Има уште три начини на затоплување: со гас, на јаглен, со геотермални води и со нафта за домаќинствата.

Доколку доволно би се развил гасоводниот систем во земјава и со тоа би се зголемила потрошувачката на природен гас, првенство би имало греењето на гас, кое речиси и да не ја загадува животната средина. Во моментов, гасот е достапен само за домаќинствата во Куманово и во Струмица, а во другите делови од земјава сè уште нема соодветна гасоводна мрежа.

Има можност и за затоплувањето со геотермални води, особено во Кочанско, но тие најчесто се користат за одгледување градинарски култури под стакленици, а има и домаќинства во Куманово и во Струмица што се греат на природен гас, како и во Битола и во Кичево, кои се греат на јаглен.

ВО ГРЕЈНА СЕЗОНА:

– греење на печка со пелети на површина од 60 м2 чини 2.500 до 3.500 денари месечно;     

– греење со инвертер клими на површина од 60 м2 чини 4.200 до 4.500 денари месечно;

– греење со дрва на површина од 60 м2 чини од 4.000 до 5.000 денари месечно; 

– централно греење на површина од 60 м2 чини 5.000 денари месечно.

(С.Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ