Граѓаните се соочуваат со растечки трошоци за греење, додека пазарот на пелети станува сè понестабилен. Квалитетот на производите е дискутабилен, а цените се зголемуваат драстично, дури и за само неколку недели. Во најстудените денови, едно домаќинство троши повеќе од една вреќа пелети дневно, што ја зголемува финансиската тежина за семејствата. Прашувањето е дали ќе интервенираат институциите и дали е навистина одржлив системот за греење со пелети за просечното домаќинство. Се поставува и прашањето каде завршија најавите за стабилно домашно производство и за контрола на квалитетот

Во последниве години, илјадници домаќинства преминаа на греење со печки на пелети, мотивирани со пораките дека тоа е поеколошки и поодговорно. Тогаш една вреќа чинеше од 169 до 189 денари, а вложувањето во печки и радијаторски системи достигнуваше илјадници евра.

– Во периодот од 2014 до 2019 година, илјадници домаќинства во државата, охрабрени од институционалните и јавни пораки за еколошка одговорност, преминаа на греење со печки на пелети. Овој чекор подразбираше значително финансиско вложување: купување печки, поставување инсталации и радијаторски системи, инвестиции што, за многумина, достигнуваа и неколку илјади евра. Во тоа време, цената на пелетите се движеше од 169 до 189 денари за вреќа од 15 килограми, во зависност од класата (А1 или А2) и од видот на дрвниот отпад – бука, даб или иглолисно дрво. Пелетите беа промовирани како поевтина, поеколошка и долгорочно одржлива алтернатива на другите начини на греење – вели скопјанката Снежана Г.

Денес ситуацијата е драстично поинаква. Пазарот е нестабилен, квалитетот често дискутабилен, а цената на вреќа порасна од 310 на 365 денари за само две недели.

– Пелетите со задоволителен стандард стануваат сѐ поретки. Само во последните две недели цената на вреќа порасна од 310 на 365 денари, што претставува сериозен удар за домашниот буџет. Во најстудените денови, едно домаќинство до 120 квадратни метри станбена површина троши и до вреќа и пол пелети дневно. За една грејна сезона, тоа значи минимум над 120 вреќи, што го претвора некогашното „исплатливо решение“ во значителен месечен трошок – констатира таа и истовремено прашува дали енормно големите суми пари за греење стануваат нова нормалност.

Според неа, најголемата криза за пелети била во зимата 2020/2021, кога енормно се качија цените.

– Ако не се лажам, таа зима плативме по 425 денари за вреќа за пелети што го уништија котелот. Македонија ретко има сопствено производство, кое е минимално. Сега околните земји забранија извоз на пелети, затоа што наводно сите се соочуваат со недостиг. До каде ќе стигне цената, никој не знае, а не можеме да си купиме ниту количина за да се заштитиме од порастот на цената. Само за неколку дена, една од компаниите што продава пелети ми посочи дека профактурата веќе не важи, дека мора да платам по нова цена. Сериозна пљачка! – вели таа.

Граѓаните ги повикуваат институциите да реагираат. Прашуваат дали постојат механизми за контрола на цените и на квалитетот на пелетите, истовремено ставајќи ја под прашалник одржливоста на ваквиот систем за едно просечно домаќинство, како и за тоа каде завршија најавите за стабилно домашно производство на пелети. Наместо системско решение, се чини дека одговорноста кон животната средина повторно останува исклучиво на товар на граѓаните – и тоа по сѐ повисока цена.

(С. Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ