Пеколни горештини, издржете до сабота!

Топлотен бран ја зафати Македонија, температури до 42. степен

389

Метеоролозите најавија топлотен бран во следните шест дена, кој ќе трае до сабота, а од недела се очекува разладување, со дождови во делови од земјава.

– Сончево и многу топло со температури над просекот за јули – пишува во метеоалармот на УХМР, од каде што прогнозираат температури и до 42. степен.

Дневната температура насекаде ќе биде над просекот за јули и ќе биде во интервал: во Југозападниот, Источниот и во Североисточниот Регион од 34 до 38°C, во Полошкиот Регион од 32 до 38°C, во Пелагонија од 38 до 40°C, во Скопскиот, Вардарскиот и во Југоисточниот Регион од 38 до 42°C.

Од Министерството за здравство уште пред неколку дена дадоа препораки хронично болните, лицата постари од 60 години и бремените жени да не излегуваат надвор. Потребно е граѓаните да го поминуваат најтоплиот дел од денот во затворени, разладени простории, да консумираат доволно течности и да избегнуваат алкохол. Министерството апелира граѓаните да избегнуваат физичка активност во најтоплите периоди од денот, да носат лесна, светла облека, капа и очила за сонце. Понатаму, во случај на симптоми како вртоглавица, главоболка, гадење или забрзан пулс, веднаш да побараат медицинска помош. Разликата од разладената просторија со надворешната температура да не биде поголема од 10 степени.

Во последните препораки на Владата за топлото време, на работодавците им беше препорачано да ги ослободат вработените со хронични болести и бремените жени од работните обврски, а градежните работници да не работат во периодот од 11:00 до 17:00 часот.

– Да се реорганизираат работните процеси за вработените изложени на директна топлина и да се разгледа можноста за одложување на работниот процес во критичните часови (11:00 – 17:00), за работниците изложени на директна топлина. Работа од далечина, флексибилно или двократно работно време каде што е изводливо. Простории со температура до 25°C. Центрите за социјална работа, локалната самоуправа и Црвениот крст да ја интензивираат теренската поддршка за осамените, старите и за бездомните лица. Да се обезбеди климатизиран јавен превоз за граѓаните во текот на целиот ден – пишува во последните владини препораки за топлото време.

На терен нонстоп се активни екипите на Црвениот крст, волонтери со лекари патролираат на поголемите автобуски постојки, пазарите и здравствените установи. За весникот ВЕЧЕР велат дека делат шишиња вода, дека се мери притисок на граѓани што се жалат на тегоби.

Од Итната медицинска помош велат за ВЕЧЕР дека се екипирани за претстојниот топлотен бран. Очекуваат бројот на интервенции да се зголеми. За викендот имало, во просек, по 60-ина повици и 4 колапси на јавно место. Доктор Анита Димовска препорачува да се седи дома, во разладена просторија, да не се излегува без потреба и да се пие многу вода. Дневно, Итната помош работи со 6, а навечер со 5 мобилни екипи во Скопје.

Топлотниот бран го зафати целиот регион. Во Србија се очекува деновиве да се искачи температурата до 42. степен, проследено со ветер од јужен правец. И Грција влегува во исклучително жежок топлотен бран, со температури до 43-44 Целзиусови степени. Највисоките температури ќе бидат во вторник, среда и четврток, а би можеле да се продолжат и до петок, иако максималните температури ќе зависат и од моделите на ветрот.

– Според податоците за прогнозата, гледајќи ги температурните карактеристики на топлите воздушни маси што ги очекуваме, во некои области може да бидеме блиску до екстремни временски услови – забележа директорот за истражување на Националната опсерваторија во Атина (НОА), Костас Лагувардос.

Според метеоролозите од регионот, дополнителен предизвик ќе бидат постојано високите температури ноќе, што ќе го зголеми топлотниот стрес. Односно се очекува температурите да бидат високи и во раните утрински часови. (П. А.)

ИЗДВОЕНИ