Ден претходно, европските претставници беа јавно поделени во непомирливи табори и се чинеше малку веројатно дека ќе се согласат како да ја финансираат Украина, делумно поради, како што пишува „Политико“, ново избувнување на поделбите север – југ околу заедничкото задолжување. „Или пари денес, или крв утре“, рече полскиот премиер Доналд Туск пред состанокот. Четворица дипломати за „Политико“ кажаа план како да се обезбеди помошта за Украина: да се постигне договор меѓу сите 27 земји членки, но од финансирањето да се изземат жестоките противнички Унгарија и Словачка
Европските дипломати ја почнаа најтензичната седница во последните неколку години. Френетично, со неусогласени ставови и со многу неизвесен исход, во четврток почнаа да работат на постигнување договор во последен момент да ѝ испратат клучна финансиска помош на Украина. Во фокусот на 27 претставници на европските земји е планот да ѝ се помогне на Украина со 200 милијарди евра од руските замрзнати пари во земјите на ЕУ, од кои најголемиот дел се во „Еуроклир“ во Брисел. Планот Б е да се задолжат за да ѝ дадат бескаматен заем на Украина.
Ден претходно, европските претставници беа јавно поделени во непомирливи табори и се чинеше малку веројатно дека ќе се согласат како да ја финансираат Украина, делумно поради, како што пишува „Политико“, ново избувнување на поделбите север – југ околу заедничкото задолжување што го поткопа единството на Унијата и за време на кризата во еврозоната.
Германија, заедно со нордиските и со источноевропските земји, тврди дека нема алтернатива на шемата за користење на руските пари. Белгија, која чува 185 од вкупно 210 милијарди евра замрзнати во Европа, бара гаранција дека нема да биде оставена сама на себе доколку Русија поднесе тужба во меѓународни судови.
Сè посилен отпор дава и Италија, која заедно со Белгија го турка планот Б: помош за Киев преку задолжување од ЕУ со гаранција од заедничкиот буџет на Унијата. Бугарија, Малта, Унгарија и Словачка, исто така, се спротивставуваат на користењето на руските средства.
На состанокот утринава присуствуваше и украинскиот претседател, Володимир Зеленски. Тој изјави дека Украина ќе биде во големи проблеми, а Владимир Путин ќе биде охрабрен да ја продолжи војната ако ЕУ не одобри репарациски заем заснован на замрзнатите руски средства. Украина е во опасност да остане без пари уште во второто тримесечје од 2026 година и со тоа да ја изгуби војната.
Но, највпечатливата изјава во пресрет на самитот вчера ја даде полскиот премиер, Доналд Туск.
– Или пари денес, или крв утре, рече тој нагласувајќи дека не зборува исклучиво за Украина, туку и за Европа, појаснувајќи дека одлуката за финансирање на Украина ја гледа како прашање на долгорочна безбедност за целиот континент.
За унгарскиот премиер, Виктор Орбан, кој цело време е жесток противник на планот да ѝ се дадат руските пари на Украина, рече дека идејата за таканаречен заем за репарации е „мртва и закопана“, па и „глупава“, бидејќи нема доволно политичка поддршка за неа меѓу лидерите на земјите членки. Тој се противи и на планот Украина да се финансира од буџетот на ЕУ.
За да го илустрира расколот дополнително, италијанската премиерка, Џорџа Мелони, во средата изјави дека ќе побара одговори за „можните ризици“ од користењето на замрзнатите руски средства. Од друга страна, германскиот канцелар, Фридрих Мерц, дополнително ја зајакна својата позиција во корист на тој план со цел, како што рече, „што е можно поскоро да заврши војната“.
Холандскиот премиер, Дик Шуф, повтори дека Холандија ја поддржува употребата на замрзнатите руски средства за помош на Украина, но предупреди дека постигнувањето договор ќе биде исклучително тешко.
Со оглед на таквата поделеност, се чини дека европските дипломати ги очекуваат многу часови исцрпувачки преговори. Дел од нив на медиумите им открија план како да се отвори сефот со руските пари. Клучот би бил од шемата за заеднички долг да се исклучат Унгарија и Словачка, кои се противат на понатамошна помош за Украина, изјавиле четворица дипломати за „Политико“. Тие сметаат дека сè уште може да се постигне договор меѓу сите 27 земји членки, но конечниот аранжман би предвидувал само 25 земји да учествуваат во финансирањето.
Орбан веќе тврди дека руските средства воопшто нема да бидат дискутирани во Брисел и дека преговорите се префрлиле на заеднички заеми. Но, неколку дипломати возвратија дека тој греши и дека руските средства се сè уште „единствената реална опција“.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, е оптимист за постигнување договор.
– Нема да го напуштам Советот без решение за финансирање на Украина, изјави таа пред состанокот.












