Го најавува новиот шести студиски албум! Во изведба на песната учествуваат и врвни инструменталисти, меѓу кои се издвојува маестралниот Џељо Дестановски. Тој со звуците на зурлата на песната ѝ дава автентичен патриотски дух и препознатливи емоции кога станува збор за љубовта кон Македонија.
Нашата позната и воедно омилена фолк- пејачка, но и не само фолк, пее и друг тип на музика, а сепак секогаш распеаната Лени Партикова го промовираше деновиве својот најнов видеоспот за песната „Горда сум Македонка“. Тоа е воедно и насловната песна на нејзиниот шести студиски албум. На албумот се снимени15 композиции кои претставуваат прослава на македонскиот корен, традицијата и духовноста. Создадени се како ехо на сето она што ја обликува питомата македонска душа која секој го прифаќа за пријател.
Самата песна “Горда сум Македонка“ е песна со неизмерно голема емоција, посветеност и лична инспирација на Лени кон татковината. Музиката и аранжманот ги потпишува студиото „Анастасија“ на Љупчо Павловски, додека текстот е дело на самата Лени. Во изведба на песната учествуваат и врвни инструменталисти, меѓу кои се издвојува маестралниот Џељо Дестановски. Тој со звуците на зурлата на песната ѝ дава автентичен патриотски дух и препознатливи емоции кога станува збор за љубовта кон Македонија. Инаку, оваа убава песна премиерно беше изведена летово на познатиот „Лешочки фолк фест 2025“, каде на сцената таа настапи со Играорците од КУД „Шара“, придружени од Бобан Илијевски (зурла), Перица Симоновски и Жарко Ѓорѓески (тапани) – сопругот и долгогодишен музички соработник на Лени.
Видеоспотот за „Горда сум Македонка“ e во продукција на Арт-Студио и под режисерската палка на Дејан Ѓеорѓиев, а претставува вистински визуелен бисер. Снимен е на автентични локации во селото Стенче, во подножјето на планината Сува Гора чии калдрми, камени куќи и чардаци ја носат вековната приказна на Полошкиот крај.
Лени упатува голема благодарност и до Војо Михајловски, кој го отвори својот традиционален дом – куќа-музеј во стар македонски стил – како и до фамилијата Гроздановски, кои обезбедија оригинална носија од Горни Полог што дополнително ја збогати визуелната автентичност на спотот.
-Секој детал таму зборува за македонската историја. Сакав да покажам дека македонската убавина не е само во песната, туку и во природата, во народната носија, во секој камен и секој орнамент, изјавува гордо, гордата Македонка Лени (за Балкан-Мјузик телевизија). Во реализацијата на видеото учествуваше цел професионален тим: Снеже Ефковска, Нада Симовска, Динка Наумоска, Иванка Ѓорѓеска (фризура), Даниел Несторовски (тапан), Џељо Дестановски (зурла), како и играорците од КУД „Шара“. Лени упатува искрена благодарност и до своите родители и сопругот Жарко за постојаната поддршка, љубов и максимална инспирација.
Со „Горда сум Македонка“, Лени всушност ја отвора новата патриотска етапа од својата кариера. Таа веќе најавува уште три нови песни, нови видеозаписи, и концертни изненадувања. Со тоа ја продолжува оваа силна национално-обоена музичка приказна на радост на сите Македонци, дома и во дијаспората. (Д.М.)












