Со концерт во арената „Јане Сандански“ ! Одложен, поради трагедијата во Кочани, па пак закажан. Најпосле концертот на популарниот пејач Пеѓа Јовановиќ, ќе се одржи во Скопје, во арената „Јане Сандански“ на 15. мај од 20 часот. Според организаторите, пред преполна сала, бидејќи билетите се продадени. Останаа само оние за новинарите, според службената должност.
„Евент-продукција“ со особено задоволство го најавува првиот скопски концерт на Пеѓа Јовановиќ и неговиот Big Concert Orchestra. Тој е еден од оние ретките кој својата кариера ја направи преку емотивните интерпретации на песните. Зад себе нема ниту еден скандал или „мрсен“ трач.
Во 2023 година, Јовановиќ го издаде својот прв албум „24/7“ со 10 песни, а секоја од нив има свое видеоиздание. Песните од тој албум се најдоа на врвот на музичките топ-листи. Дури и по една година од издавањето на албумот, Пеѓа останува слушан со што се потврдува неговата естрадна популарност. По издавањето на албумот, следуваа и осум распродадени „МТС Сали“ во 2023 година и три распродадени „Сава Центри“ во 2024 година. Сите во Белград.
Успехот на Пеѓа Јовановиќ се должи не само на неговите авторски песни, туку и на извонредните преработки на песни од неговите колеги, кавер-верзиите кои добиваат нов живот, нова енергија преку неговиот уникатен, оригинален и суптилно емотивен стил на пеење, така што и на концерт очекувајте феноменално да си поминете. Ќе биде тоа вечер исполнета со емоции, љубов и незаборавни хитови кои харизматичниот пејач со моќен вокал и уникатна енергија, ќе ѝ ја подари на својата многубројна публика во македонската престолнина.
Ќе биде ноќ исполнета со најдобрите балади и певливите песни со кои згодниот пејач ја освои публиката низ Балканот, а со тоа и Македонија. Засега останува единствено тајната за неговите специјални гости на концертот. Тоа се секако некои звучни македонски пејачки имиња. Со нетрпение се чека на оваа поп-вечер, исполнета со магија која потоа долго ќе се прераскажува. (Д.М.)