Педесет и пет ветерници – ветер во грб за енергетска независност

Во близина на Штип, компанијата „Алканзар енерџи партнерс“ ја почна изградбата на најголемиот ветерен парк во Македонија, инвестиција вредна половина милијарда долари. Вкупно 55 ветерници ќе произведуваат струја за 100 илјади домаќинства и ќе бидат вработени преку 600 лица. За вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, со новата инвестиција Македонија е на добар пат да ја зајакне енергетската независност и да обезбеди конкурентност на македонската индустрија на странските пазари. Премиерот Христијан Мицкоски нагласи дека минатата година била рекордна по странски директни инвестиции, достигнувајќи 1.255 милијарди евра. Како индикатори за економски напредок тој ги наведе порастот на извозот на земјоделски производи за 57%, зголемување на бројот на туристи за 22% и индустриски пораст од 9,4% во мај

729

Во близина на Штип, компанијата „Алканзар енерџи партнерс“ ја почна изградбата на најголемиот ветерен парк во Македонија, инвестиција вредна половина милијарда долари. Вкупно 55 ветерници ќе произведуваат струја за 100 илјади домаќинства и ќе бидат вработени преку 600 лица.

Тоа беше првата инвестиција која ја најави новата влада пред повеќе од една година. За вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, со новата инвестиција Македонија е на добар пат да ја зајакне енергетската независност и да обезбеди конкурентност на македонската индустрија на странските пазари.

– Кога минатата година разговаравме со премиерот Мицкоски околу проектите и мојот личен ангажман во Владата, како еден од главните приоритети тој го стави токму ова, а тоа беше зелената транзиција, и тоа Македонија да стане лидер во производство на зелена енергија на Балканот – истакна Николоски.

Тој рече дека бил импресиониран од ветерниците што ги гледал низ северна Европа што, според него, се симбол за развој и прогрес.

– Ова што ќе се случува во годините пред нас е и психолошки добро за нас да покажеме дека како нација можеме да водиме големи проекти. Второ, во однос на економијата, тука имаме директен и индиректен импакт. Директниот импакт е она што ќе се произведе и што ќе се продаде, кое директно влегува во БДП. Но индиректниот е многу поголем, не само во изградбата во годините што следуваат пред нас, не само во придобивките што ќе ги имаат трите општини, на чија територија ќе биде овој ветерен парк, туку пред сè за стопанството и за индустријата, затоа што светот оди напред – истакна Николоски.

Министерот потсети дека ЕУ ги постави правилата на зелена транзиција, а македонската Влада треба да им овозможи на извозните компании да користат зелена енергија во производството и со производите да бидат конкурентни надвор.

– Вакви проекти ќе придонесат многу за да бидеме лидери и во индустриското производство – потенцираше Николоски.

Даниел Калдерон, коосновачот на „Алказар енерџи“ се заблагодари на работната дисциплина на Владата велејќи дека таа ги туркала како компанија за поскоро завршување на работите, нешто што не било случај во останатите земји каде работи компанијата.

Премиерот Христијан Мицкоски нагласи дека минатата година била рекордна по странски директни инвестиции, достигнувајќи 1.255 милијарди евра. Како индикатори за економски напредок тој ги наведе порастот на извозот на земјоделски производи за 57%, зголемувањето на бројот на туристи за 22% и индустрискиот пораст од 9,4% во мај.

– Кога кажавме дека БДП на реална основа во првиот квартал пораснал за 3,2 отсто споредено со истиот период минатата година и дека тоа е четврти резултат во Европа, веднаш зад Ирска, Данска и Полска, многумина не исмејуваа. Но, сега можам да изјавам дека во вториот квартал ќе имаме уште подобар резултат, имајќи ги предвид овие индикатори, дека ќе се движиме меѓу 4 и 6 отсто што е огромен прогрес, зашто првичните показатели од првите два месеца во вториот квартал, април и мај, се импозантни – рече премиерот Мицкоски.

Тој истакна дека македонската економија има огромен потенцијал и може да се движи напред.

– Не може да имате силна економија без враќање на довербата кај инвеститорите. А довербата се враќа преку дисциплина и борба против криминал и корупција –  рече Мицкоски заблагодарувајќи им се на сите институции, општини и универзитетски кадар вклучени во проектот, нарекувајќи го ветерниот парк „целосно македонски производ – од проектирање до изведба“.

 (С.Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ