Во Скопје се забранува фрлање комунален отпад во контејнерите во периодот од 22:00 до 6:00 часот, а за непочитување следува парична казна од 50 евра, одлучи Советот на Град Скопје. Првите неколку месеци ќе важат само опомени. Целта на одлуката, според она што го соопштија службите на Град Скопје, е да се воведе правна рамка со која ќе му се помогне на ЈП „Комунална хигиена“ при собирањето на сметот

Советот на Град Скопје, на последната седница, донесе одлука со која се забранува фрлање комунален отпад во контејнерите во периодот од 22:00 навечер до 6:00 часот изутрина, а за непочитување следува парична казна од 50 евра. Првите неколку месеци ќе важат само опомени.
Целта на одлуката, според она што го соопштија службите на Град Скопје, е да се воведе правна рамка со која ќе му се помогне на ЈП „Комунална хигиена“ при собирањето на сметот.
Велат дека мерката, можеби, не е идеална, но дека нејзиното спроведување ќе биде следено преку комуналното претпријатие и инспекциските служби и ако се покаже како несоодветна, ќе биде коригирана.
– Ако се погледне компаративно во сите поголеми градови, времето за фрлање смет е лимитирано. Нашето претпријатие има динамика на собирање на сметот, а таа динамика завршува во 22:00 часот, кога се празнат садовите. Доколку се полнат садовите по 22:00 часот, нормално дека цела вечер и целиот нареден ден кантите или садовите за отпад ќе бидат полни, бидејќи не се празнат преку целиот ден. Не може кога постои голем метеж или динамика во градот, да се чисти и да се собира сметот. Определен е временски термин за собирање на сметот – велат од Градот.
На одлуката силно се спротивставија советниците на Левица, оценувајќи ја како скандалозна.
– Не може вината за нефункционалноста на комуналното претпријатие да ја префрлате врз граѓаните. Комуналното претпријатие треба да си ја извршува својата дејност редовно, а граѓаните во никој случај не смеат да бидат ограничени кога можат да фрлаат ѓубре. Тоа не само што се коси со Уставот и со законите туку е и невиден скандал – изјави советничката Катерина Јовановска од Левица.
Со оваа одлука на Советот, се врши измена и дополнување на одлуката за комунален ред во Градот Скопје.












