Формирана е првата републичка пожарна составена од 50 армиски и полициски возила оспособени за гаснење на шумски пожари на тешко пристапни терени. Овие специјални возила беа промовирани на воениот полигон Пепелиште со презентација на нивната противпожарна моќ.

Овие возила, како што истакна премиерот Христијан Мицкоски, повеќе од осум години стоеле запуштени и воопшто не биле возени.

– Благодарност до сите кои учествуваа во оваа активност. На овој начин државата заштедува неколку десетици милиони евра, а да не зборувам колку капацитетите се зголемени – изјави Мицкоски.

Тој информираше дека следнава недела треба да стигне и вториот авион „ер трактор“ од сервис, а третиот се очекува до крајот на август.

– По два полициски и армиски хеликоптери се исто така подготвени доколку има потреба. Навистина не можеме да правиме споредба со претходно. Можам да кажам дека многу, многу поподготвени сме од минатото доколку има вакви предизвици – изјави Мицкоски.

Градоначалникот на Општина Кавадарци Митко Јанчев, информираше дека целокупната инвестиција е од општествено одговорни компании и лица и дека државата за првпат добива прва републичка пожарна.

– Пред три месеци земавме за обврска сите возила што беа расходовани да ги ставиме во функција. Денес 34 возила за гаснење на отворен пожар се презентирани. Имаат одлични карактеристики и капацитети за справување со тешко достапни терени. Целокупната инвестиција е од општествено одговорни компании и лица – изјави Јанчев.

Станува збор за застарената и магационирана опрема, како што се БТФ70/80, старите хермалини и слично, кои што беа во магацините на Министерството за одбрана и МВР, а кои се модернизирани и на кои им се инсталирани посебни резервоари за вода, пумпи кои што работат на висок притисок и можат да пристапуваат на непристапни терени.

Според информациите од Центарот за управување со кризи, во земјава вчера беа активни три пожари и тоа во реони на општините Прилеп, Македонски Брод и Чашка, а тоа се пожарот во прилепското село Бешиште каде што гори приземна квалитетна мешана шума, во село Црешнево, месност Церо Поле, во општина Македонски Брод, активен е пожар во деградирана дабова шума и грмушки, а се уште не беше изгаснат и пожарот во општина Чашка под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка.

Ангелов: Ова лето гранката нема да ми биде потребна!

Директорот на Дирекција за заштита и спасување Стојанче Ангелов, по презентациијата на опремата и возилата, рече дека за разлика од минатите години сега имаме неспоредливо повеќе ресурси за справување со пожари.

– Благодарение на премиерот Христијан Мицкоски, Владата, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев, ова лето гранката нема да ми биде потребна – истакна Ангелов.

Дирекцијата за заштита и спасување доби 18 прилагодени моќни теренски возила Pincgauer (дополнително се очекуваат уште 5) со резервоари од 1500 литри, 15 прилагодени оклопни транспортни возила БТР 80 со резервоари од 6 тона и 5 оклопни транспортни возила Хермелин со влечни цистерни од 2, 4, 6 или 8 тона. Сите 43 специјални возила се опремени или се опремуваат со моќни водни пумпи со домет на водниот млаз од 25 до 100 метри.

– Овие возила со резервоар за вода од 1,5 тони може да стигна до места, на кои и најсовремени џипови не би можеле – изјави Ангелов.

 

ИЗДВОЕНИ