Печатот што го бараше кај директорката – му ја запечати смената

Разрешен началникот од Демир Хисар

3183

По драматичниот претрес извршен во домот на директорката на гимназијата, МВР го разреши од функцијата началникот на полицијата во Демир Хисар, Роберт Мартиновски, и поведе дисциплинска постапка против него бидејќи наместо да бара печат, барал носилка со која ќе ја носат директорката во станица, на распит, со зголемен крвен притисок. Претходно, тоа од министерот за полиција го побараа опозициските партии и ја обвинија владејачката ВМРО-ДПМНЕ за заплашување на граѓаните пред локалните избори

МВР го разреши началникот на полицијата во Демир Хисар, Роберт Мартиновски, кој бараше на носилка за да ја изнесат од дома директорката на гимназијата, Маја Лозановска и да ја однесат на распит во полициска станица.

– Одделот за внатрешна контрола при МВР, по извршените проверки во врска со објавеното видео во текот на претрес во Демир Хисар, констатираше непрофесионално и неетичко однесување на началник во ОВР Демир Хисар. За лицето е поведена дисциплинска постапка. Со цел целосна непристрасност и објективност на истрагата, наведениот началник ќе биде разрешен од функцијата – соопштија од МВР.

На разрешувањето му претходеа реакции од јавноста, граѓаните го осудија насилното и непрофесионално однесување на полицаецот, а опозициските политички партии бараат и кривична одговорност од началникот Мартиновски.

– Скандалот со злоупотребата на полицијата за партиски цели во Демир Хисар јасно потврдува дека ВМРО-ДПМНЕ не избира средства за да ги заплашува граѓаните пред изборите – реагираат од опозицискиот СДСМ по претресот во домот на директорката на гимназијата во Демир Хисар, Маја Лозановска.

Од Левица, пак, велат дека агресивниот началник, кој бараше носилка за директорката, во минатото бил активист на социјалдемократите, но со промена на власта, ги сменил партиските вредности и бил унапреден во инспектор.

– Додека ја извршува оваа позиција, Мартиноски е суспендиран во своето работење, поради барање рекет, за кога дојде Тошковски на чело на МВР, токму овој кадар да биде поставен за началник на ОВР Демир Хисар! Ова се скандалозните кадровски решенија на Панче Тошковски, кои сега спроведуваат беззаконие и се обидуваат противправно да лишат од слобода лица по партиска наредба – реагираа од Левица.

Полициската посета на болната директорка во ноќните часови во петокот била предводена од началникот на полицијата, Роберт Мартиновски, чиј глас се слуша на видеото што го објави адвокатот на Лозановска.

– Ќе ја лишам од слобода, нејзе ѝ е забрането да се движи, но не е во животозагрозувачка состојба. Таа нема да се движи, ќе биде изнесена на носилка и донесена во полиција за да се изврши информативен разговор со неа – се слуша началникот.

За него опозицијата тврди дека е човек на министерот за полиција, Панче Тошковски, и ударна партиска тупаница за заплашување пред избори.

– Бараме Обвинителството итно да поведе постапка за кривична одговорност на партискиот послушник, началникот Роберт Мартиновски. Обвинителството не смее да молчи, веднаш мора да се поведе постапка. Согласно со законот, Мартиновски мора кривично да одговара, без никаква дилема – повикаа од СДСМ.

Лозановска не беше изнесена на носилка како што бараше началникот на снимката, бидејќи докторката од Брза помош му предочи дека жената има висок крвен притисок. Од Обвинителството појаснија дека имало судски налог за барање на службениот печат на три места, во училиштето, дома кај разрешената директорка и во нејзиниот автомобил, но не и да се приведе и да се носи на распит во станица.

Адвокатот на Лозановска, преку соопштение, објави дека таа во вторник ќе се јави на информативен разговор во полициска станица. Адвокатот Жарко Стевановски вели дека ќе побараат да се пристапи во училиштето со цел да се констатира кој провалил во училишните простории ден пред распишувањето на изборите, на 8 август.

– Воедно ќе побараме и да се расчистат спорните прашања околу законитоста во постапката за да се издејствува наредба за претрес, односно да се потврди врз основа на чија пријава и врз основа на какви докази ОВР Демир Хисар го сторило веројатен основот за сомневање за сторено кривично дело пред ОЈО Битола врз кој била издадена наредбата за претрес – соопшти Стевановски.

Во текот на денешниот ден, од органите за прогон изостана информацијата дали е пронајден печатот што го бараше полицијата кај директорката, а немаше ниту кривична пријава по сомневањето дека го одзела или уништила. Адвокатот на Лозановска изјави дека суштината била пред распишување на изборите, да се спроведе решението за разрешување од страна на градоначалникот на Демир Хисар и да се назначи нова директорка, која требало да ги реализира докрај трите нови вработувања.

Неколку дена пред настанот, градоначалникот на Демир Хисар ја разреши директорката, именувајќи нова за вршител на дејност. Од опозицискиот СДСМ го обвинија дека незаконски, заобиколувајќи го Училишниот одбор, и со одземени ингеренции од Министерството за образование, се обидел да ја смени директорката. Тој, пак, на својот фејсбук-профил напиша дека разрешувањето е со решение од Државниот просветен инспекторат и оти опозицијата прави очајнички обиди да го одвлече вниманието од изборниот пораз.

– Директорката на СОУ „Крсте Петков Мисирков“ е разрешена врз основа на решение донесено од Државниот просветен инспекторат, по спроведена контрола што утврди тешки неправилности во нејзиното работење. Наместо да го прими решението и да се соочи со последиците од своето незаконско постапување, таа се крие, надевајќи се дека повторно некој ќе ја заштити, како што било во минатото – напиша градоначалникот Никола Најдовски.

Со распишување на изборите, а тоа беше во саботата, според Изборниот законик, не смее да се започнува постапка за вработување нови лица или постапка за престанок на работниот однос во државни и во јавни институции, а започнатите постапки се ставаат во мирување, освен во случаи на итни и неодложни работи. (П. А.)

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ