Пожарот што во неделата го зафати скопски Раштак, предизвикал сериозни штети во селото. Семејството Мицкоски изгуби буквално сè што создавало дванаесетина години. Емилија Мицкоски раскажа потресна приказна за траумата што им ја предизвика огнената стихија

Пожарот што во неделата го зафати скопски Раштак, предизвикал сериозни штети во селото. Семејството Мицкоски изгуби буквално сè што создавало дванаесетина години. Емилија Мицкоски раскажа потресна приказна за траумата што им ја предизвика огнената стихија.

– Тешко ми е да изустам, но ние сепак имавме среќа. Благодарение на Севишниот нема изгубени животи. Печат очите, пече грлото од пожарот, ама најмногу пече душата – вели таа.   

На фотографиите што ги објави на „Фејсбук“ се гледаат пеплосани сцени. Вели дека кога огнот го зафатил нивниот имот, децата во паника ги собирале највредните лични работи од куќата.

– Десетина часа директно дишење отровен чад, психолошки и здравствени последици од исчезнувањето пред очи на сè што дванаесетина години сме го создавале, месеци на неизвесност и органска земја, сега претворена во пустош – со жалење вели Мицкоски.

Изгубиле амбар, сточна храна, придружни земјоделски објекти, електрични огради за живина, струјни/водоводни и инсталации за надзор, живина, млад овоштарник, градинарски производи во тек, мал пасивен соларен стакленик, домашни фотоволтаици, современ градинарски и домашен алат, разновиден инвентар… Во пожарот изгореле десетици хектари ниви, дрвја и полиња, струјни инсталации. Наместо чистиот воздух, добиле токсичен.

– Ако за неколку часа поради неодговорност и неорганизација можат да се уништат декади труд и вложувања, зашто некој би се трудел и вложувал? Најтешко од сè, е секојдневната болка кога наместо зеленило, птици и иднина, ќе гледате пустош и бесперспективност – се вели во објавата.

Мицкоски вели дека пожарот кој им одзеде сè е предизвикан од запалено стрниште.

– Некој реши да пали стрниште на ден пладне во лето. Се наоѓаме на 15 километри од центарот на Скопје и немаме редовно водоснабдување. Немаме појаси за заштита од пожар, земјиштето не се обработува – нагласува таа.

За да не биде трагедијата уште поголема, во гаснењето на пожарот освен пожарникари се вклучиле хеликоптерите на МВР кои во два-три наврати фрлиле вода пред нивните куќи и ги спасиле во критичните моменти.

Спротивно на ова, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, пак, во неделата попладне информираше дека пожарот во Раштак е ставен под контрола и дека не бил зафатен ниту еден објект.

Според  информациите на Центарот за управување со кризи, вчера до пладне на територијата на државата биле евидентирани 10 пожари на отворен простор, од кои активни биле четири, под контрола се два, а изгаснати се четири.

Активни се пожарите во селото Никуштак, на територијата на општина Липково, каде горат нискостеблеста деградирана и дабова шума, во селото Лабуништа, на територијата на општина Струга, каде гори ниска вегетација, и во селото Татеш, исто така во општина Струга, каде што гори ниска вегетација, како и пожарот во селото Грешница, на територијата на општина Кичево, каде што гори ниска вегетација.

Под контрола се ставени пожарите во општина Берово – Дрџински рид, место викано Стојковото, село Русиново и на некогашната депонија Вардариште во општина Гази Баба. Изгаснати се пожарите на улица „Брсјачка Буна“ во општина Шуто Оризари, во Општина Сарај – село Крушопек, во општина Студеничани, во селата Варвара и Драчевица, како и пожарот на депонијата во Делчево.

Пожар на влезна врата од стан во Аеродром

Утринава, во 03:20 часот во СВР Скопје било пријавено дека на улица „Владимир Комаров“ во Скопје избувнал пожар на влезна врата од стан во зграда, сопственост на З.Т.(57) од Скопје.

Од Министерството за внатрешни работи (МВР) информираа дека од пожарот била зафатена само влезната врата, а немало повредени лица.

– Полициски службеници од Полициска станица Аеродром излегле на местото и се работи на расчистување на случајот – соопштија од МВР.

(А.П.)

 

 

ИЗДВОЕНИ