Македонското еколошко друштво информира дека по пријавување од Фондот за дива флора и фауна од Бугарија, викендов на терен констатирале, заедно со претставници на ОВР Кавадарци, Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот инспекторат за животна средина и на Здружението за зачувување на природата „Аквила“ од Кавадарци, дека се пцовисани еден црн и еден белоглав мршојадец, на висорамнината Витачево, во атарот на селото Гарниково,.
– Еден од мршојадците беше опремен со ГПС-локатор од страна на нашите бугарски колеги, благодарение на што можеше да се следи неговото движење и да се утврди локацијата на пцовисување. Ваквите случаи се секогаш непријатни. Истовремено, се потврда за ефективноста на ГПС-локаторите и за важноста на меѓународната соработка – соопштија од МЕД.
Оттаму додаваат дека се на терен за да се осигурат оти нема други умрени птици.
Од МЕД известуваат дека двете умрени птици се пренесени на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ во Скопје за понатамошни лабораториски анализи за утврдување на причините за смртта.
– Штом официјално бидат познати резултатите, ќе излеземе со подетални информации – потенцираат од МЕД.












