Реката Пчиња се излеа од своето корито во селата Пелинце и Стрновац, соопшти Регионалниот центар за управување со кризи (РЦУК) Куманово.
Од општина Старо Нагоричане информирале дека на подрачјето на село Пелинце, во близина на Меморијалниот центар АСНОМ, како и кај бања Стрновац, водата се излеала околу 20 сантиметри над нивото на речното корито.
Според РЦУК, во моментот излевањето не зафаќа куќи или викендици. Дополнително, кај Коински мост е забележано насобирање на поголема количина дрвја, што го отежнува нормалниот проток на реката. За состојбата е навремено известено Водостопанство Куманово, кое ќе постапи согласно своите надлежности.
Двајца возачи утрово заглавиле со автомобил во надојдената вода во село Стрновац поради создадените вирови, но биле извлечени од пожарникарите од општината.
Според Управата за хидрометеоролошки работи, водостојот на реката Пчиња кај Пелинце утрово изнесува 120 сантиметри, додека вчера бил 18 сантиметри. Тоа е три пати повисоко од просекот за ноември, кој изнесува 41 сантиметар, со тенденција за понатамошен пораст.












