Поради обилните врнежи од дожд, денеска реката Пчиња се излеала за околу 20 сантиметри од своето корито на подрачјето на селото Пелинце, во близина на Меморијалниот центар „АСНОМ“, како и кај бања Стрновац, но засега не зафатила куќи или викендички.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираат дека, дополнително, и кај Коински мост било забележано насобирање поголемо количество дрвја, кое го отежнувало нормалниот проток на реката Пчиња.
– За состојбата е навремено известено „Водостопанство“– Куманово, кое ќе постапи согласно со своите надлежности – наведуваат од ЦУК.
Две лица со автомобил утринава заглавиле во надојдената вода во селото Стрновац во општина Старо Нагоричане, но благодарение на пожарникарите од општината, тие биле извлечени.
– Денеска во 07:35 часот по повик од 112 дека има заглавени две лица до бањата во село Стрновац – Општина Старо Нагоричане, поради излевање на реката Пчиња, територијалната противпожарна единица од Старо Нагоричане интервенираше со едно возило и двајца пожарникари – информираа од ТППЕ Старо Нагоричане.
Оттаму апелираат до жителите на општина Старо Нагоричане да избегнуваат движења и секакви активности по течението на реката Пчиња, а доколку здогледаат лице во опасност од временските услови веднаш да пријават на 112.
Управата за хидрометеоролошки работи информираше дека водостојот на реката Пчиња кај Пелинце, утринава бил 120 сантиметри, што е значително повисоко со тенденција за пораст и три пати повисоко од просекот за ноември кој изнесува 41 сантиметри.












