Откупот на пченицата за стоковните резерви предизвика зголемување на цената на лебното зрно за еден денар. Потпретседателот на Асоцијација на земјоделци, Гоце Сарафимов, вели дека одредени млинови почнале да ја откупуваат пченицата по 13 денари, колку што изнесува и цената за откуп за стоковните резерви.

– Претходно пченицата беше по 12 денари. Но, таа цена беше за прва класа. Оваа година, бидејќи беше многу сушна, мислиме дека пченицата повеќе се користи и за исхрана на стоката. Во доволни количини нема мумуруска, пченка, нема и тоа во Македонија, Србија и во сите околни држави. Заради сушата многу е намалено производството на мумуруската и за таа сметка ќе биде дополнета со пченицата – изјави Сарафимов.

Според него, прв пат се откупува пченица за стоковните резерви од индивидуалните земјоделци кои можат да предадат од 5 до 30 тони лебно зрно за стоковните резерви. Сарафимов очекува наредната година откупот на пченицата да биде порано, како што им ветиле од ресорното Министерство.

ИЗДВОЕНИ