четврток, јули 2, 2026
Дома БАЛКАН Патувате во Грција? Еве како да ги избегнете гужвите кај Солун додека...

Патувате во Грција? Еве како да ги избегнете гужвите кај Солун додека траат работите на обиколницата

343

Ако ова лето патувате кон Грција, особено кон Халкидики, добро е однапред да знаете дека работите на големиот проект за надвозник во Солун продолжуваат и во текот на 2026 година. Иако не се очекуваат сериозни застои, повремено ќе има привремени измени во режимот на сообраќај на обиколницата (Периферијаки), главната транзитна рута за туристите кои патуваат кон северниот дел на Грција.

Најчесто станува збор за ноќни или викенд-затворања на одредени делници, при што возилата се пренасочуваат по алтернативни правци. Грчките власти уверуваат дека работите се организирани така што летната туристичка сезона нема значително да биде нарушена.

Најголем дел од туристите кои преку граничниот премин Евзони патуваат кон Халкидики – Касандра, Ситонија, Неа Флогита, Неа Каликратија, Переа и Агиа Триада – и понатаму ќе ја користат обиколницата околу Солун.

Од друга страна, патниците кои се упатуваат кон Кавала, Тасос, Атос, Олимпискиот регион, Лефкада, Парга, Сивота, Крф или Кефалонија можат да изберат рути кои целосно го избегнуваат Солун.

За оние што влегуваат во Грција преку Дојран, препораката е да се користи источниот дел од обиколницата, каде што сообраќајот е значително помал во споредба со западниот дел.

Возачите се советуваат да избегнуваат минување низ Солун во периодите од 7:00 до 10:30 часот и од 15:00 до 19:00 часот, кога сообраќајот е најинтензивен. Во сабота, по 10 часот, дополнително се создаваат гужви во правец кон Халкидики поради викенд-патувањата на локалното население.

Доколку дојде до привремено затворање на дел од обиколницата, како алтернатива може да се користи центарот на Солун преку улиците Егнација, Цимиски или крајбрежната авенија Никис, каде што сообраќајот во моментов се одвива непречено.

Проектот за надвозник е најголемата инфраструктурна инвестиција во Северна Грција во последните децении. Предвидена е изградба на нова траса долга околу 13 километри, од кои 8 километри ќе бидат надвозник, како и изградба на 9 клучки, 10 надвозници и три тунели. Новата сообраќајница ќе може да опслужува околу 10.000 возила на час во секој правец, а целта е значително да се намалат метежите, да се зголеми безбедноста и да се подобри поврзаноста со аеродромот, автопатот Егнација Одос и Халкидики.

Работите започнаа во 2023 година, најинтензивната фаза е планирана за 2026 година, а завршувањето на проектот се очекува до крајот на 2027 година. До тогаш, туристите се советуваат да го следат сообраќајот и навигацијата пред влез во Солун и, доколку е потребно, да користат алтернативни правци.

ИЗДВОЕНИ