Сега, за да се стигне од главниот град до Поречкиот Регион, се патува над 200 километри, преку Тетово, Гостивар и Кичево. Тоа претставува вистинска голгота и за оние 800 жители што секојдневно одат на работа во Скопје, но и за сите жители на овој регион. Жителите на Порече и сите иселени Поречани со децении бараат да се изгради директна патна врска меѓу Македонски Брод и Скопје, во должина од 80 километри, преку резерватот „Јасен“.

Од ЈП за државни патишта велат дека ќе биде ставен регионален пат преку „Јасен“ во Националната развојна стратегија на државата, а кога би се реализирало ова барање на Поречани, ќе се знае отпосле. Градежни експерти сметаат дека ваквиот пат би бил многу скап проект, а малку искористен и предлагаат неколку практични решенија

Жителите на Порече и сите иселени Поречани со децении бараат да се изгради директна патна врска меѓу Македонски Брод и Скопје, во должина од 80 километри. Сега, за да се стигне од главниот град до Поречкиот Регион, се патува над 200 километри, преку Тетово, Гостивар и Кичево. Тоа претставува вистинска голгота и за оние 800 жители што секојдневно одат на работа во Скопје, но и за сите жители на овој регион. Во овој крај, инаку, гравитираат 45 села и шест викенд-населби и таму постојано се градат викенд-куќи.

Пократка врска е патот преку резерватот „Јасен“, но станува збор за тесен пат од два и пол метри, целиот со дупки, поради староста на асфалтот од пред 50 години и поради тоа што нема простор за разминување две возила, има воспоставено времен режим на движење. Коне Кузмановски од Здружението на граѓани „Поречки средби“ вели дека овој регионален пат преку „Јасен“ може да се нарече локален. Вели дека мора да се стави патот во развојната мрежа на државата и еднаш засекогаш да се реши вековниот проблем на Поречани.

– Ставете го овој пат во развојот на патната мрежа и еднаш решете го овој вековен проблем за да можат да одат Поречани до своите огништа, не преку Кичево да прават по 200 километри и да губат време, да им е прескапо одењето во својот роден крај, туку да одат преку „Јасен“, по регионалниот пат Р-1106. Овој пат не само што е тесен и оштетен туку често пати има и одрони, а „Македонија пат“, кое е надлежно претпријатие, ниту ги расчистува одроните ниту ги санира дупките, кои стануваат сè поголеми и подлабоки, а ги има најмалку стотина. На четири места има пропаѓање на асфалтот, што ги доведува во опасност сите учесници во сообраќајот. А, потребно е само за 80 километри да стигнат во Македонски Брод, да се доизградат 16 километри од Нова Брезница до Кула Коломот и уште 16 километри од мостот „Близанско“ до Калуѓеречки мост, односно да се прошири делницата за која има готов проект од 2012 година, со согласност од ресорните министерства и од тогашната Влада да се доизгради во модерен европски пат – потенцира Кузмановски.

Жителите на Поречкиот Регион во повеќе наврати изминативе години, па и децении, преку протест го изразуваа своето незадоволство од повеќедецениското нерешавање на прашањето за изградба на регионален пат. Иако со изградбата на акумулацијата „Козјак“ беше најавено пробивање две траси покрај езерото, со што би се решил деценискиот проблем и би се оствариле елементарните човекови права на жителите од Порече, ова остана само на хартија.

Постоењето основна инфраструктура е од исклучителна важност за социјалниот и за економскиот развој на Општината Македонски Брод, особено за развој на туризмот, за што има навистина сериозни претпоставки. Во сите досегашни дописи и реакции до надлежните институции,  Здружението укажало дека непостоењето регионален пат резултирало со масовно иселување на жителите во околните градови, повеќето во Скопје, Тетово и во Гостивар, а најмногу во странство, што предизвикало целосно замирање на стопанскиот и на социјалниот живот во овој регион. Од овие причини, Општината Македонски Брод е една од најзапоставените и најнеразвиени општини во Македонија, што, исто така, резултирало со големо осиромашување на населението.

Директорот на ЈП за државни патишта, Коце Трајановски, вели дека од многу одамна се планира нов регионален пат Скопје – Македонски Брод.

– Сега се прави националната развојна стратегија на Македонија. Во делот за инфраструктура учествува ЈП за државни патишта, ние ќе го предложиме и тој пат – истакна Трајановски, но не прецизираше кога жителите на Порече, конечно, ќе добијат директна врска со главниот град, а потоа би се кроеле плановите.

Градежни експерти сметаат дека ваквиот пат би бил многу скап проект, а малку искористен. Предлагаат дека би било практично решение во наредниот период да се направи урбан пат од Хиподром до Маркова Сушица, во должина од 19,2 километри и добар регионален пат од 88,3 километри, од Маркова Сушица до Македонски Брод, како и експресен пат Кичево – Македонски Брод – Прилеп, во должина од 65,3 километри.

– Ова решение би го поврзало Скопје со Македонски Брод и со Кичево со брз, безбеден, широк пат и пат без работно време, би било клучна врска запад – исток, поврзувајќи го Кичево со Пласница и со Македонски Брод (развивајќи ја локалната економија), а понатаму со Прилеп, од каде што новиот експресен би се споил со автопатот Велес – Битола и со експресниот Прилеп – Градско (подоцна и Дреново –Кавадарци – Неготино – Лесковица). На овој начин, и Полог би се поврзал со Пелагонија. Автопатот во Скопје би бил добар за поврзување на југоисточниот дел на градот со автопатската мрежа, како и ширење на Скопје во овој дел. Во иднина, експресниот Кичево – Македонски Брод лесно би се надградил во автопат, па две петтини од делниците од автопатот Скопје – Кичево би можеле да се сметаат за завршени. Ќе останат трите најтешки – сметаат тие.

За да се зголемат искористеноста и економската исплатливост на овој пат и за делумно да се враќаат средствата во буџетот, тие предлагаат да се воведе бранарина кај „Козјак“, додека на брегот од езерото, кај селото Близанско, би се изградил комплекс од хотел, ресторан за свечености и казино. Во Суводол или во Требино, пак, би се изградил спортско-рекреативен комплекс.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ