Во Мултимедијалниот центар Мала станица“ на 11 септември, од 20 часот, ќе биде отворена самостојната изложба на уметницата Калиопи Трпчева, насловена „Патување“.

– Концептот на „Патување“ (проект – изложба) на Трпчева е прикажување на уметниковите чувства преку ликови – портрети и фигури, а воедно е и експериментирање на спој од материјали, каков што е колажот и во сликите и во илустрациите. Насловот на изложбата сам по себе сугерира симбиоза на најважните вредности во животот, како и во уметноста. Со своите дела, како и во животот, Калиопи изнедрува продуховеност, промисленост и доследност, зрачејќи притоа со „уметност на радоста на животот“. Токму затоа, посебно би ја нагласиле „поврзаноста со детето“ на секое човечко битие, како нешто најдлабоко во секој од нас. Трпчева е фасцинирана од процесот на изработка, кој претставува спој на хартијата и други материјали (златни ливчиња, салфетки, весници…), кои во тој процес се изедначуваат со бојата и стануваат една целина во сликите. Во постапката на создавање на илустрацијата следиме процес на вметнување на нови и нови цртежи, експерименти од дигитални четки и повторно, преку повеќе цртежи, составување на една конечна илустрација, се посочува кон изложбата.

Калиопи Трпчева (р. 1987 во Кочани) е сликарка и илустраторка, особено за книги за деца.

Куратор на изложбата, која за публиката ќе биде достапна во текот на две недели, е Горанчо Ѓоргиевски.

ИЗДВОЕНИ