Од Македонското еколошко друштво (МЕД) известуваат дека следната дестинација на патувачката изложба на фотографии од балканскиот рис ќе биде во Домот на културата „Драги Тозија“ во Ресен, сместен во прекрасниот ресенски Сарај.
Официјалното отворање на изложбата ќе биде утре, во 19:00 часот.
– Балканскиот рис e критично загрозен подвид што живее исклучиво во регионот на Западен Балкан, a денес брои помалку од педесет возрасни единки во природата. Неговата иднина е сериозно загрозена од загубата на живеалишта, криволовот и ниската генетска разновидност, иако овој редок предатор претставува незаменлив дел од природното наследство на регионот. Оваа ексклузивна изложба сведочи за неговото исклучително значење и потсетува на итноста за преземање мерки за негов опстанок. Повеќето од прикажаните фотографии се снимени со фотозамки, како метод што најчесто се користи при истражувањето на притаени и тешко забележливи диви животни – информираат од МЕД.
Патувачката изложба ја организира Македонското еколошко друштво во рамки на „Програмата за закрепнување на балканскиот рис“.