– Сакав да се преиспитам во каква кондиција сум и дали ќе можам да издржам рамо до рамо со младите коњаници. Јас сум човек авантурист и зависник од адреналин. Ова ми е како еден вид терапија. Жал ми е што прв пат сум дел од ова случување, бидејќи претходно обврските не ми го дозволуваа тоа – раскажува Симон Велковски, возбуден што е дел од колоната со коњи што ќе го исцрта патот до илинденско Крушево.

Тој вели дека е патриот во душа и воедно, како што потенцира, е гемиџија по крв, по потекло од Велес, какви што биле и неговите дедо и баба и оти, за него, овој настан претставува огромно задоволство и нешто свето. Патот до Крушево ќе го помине со својот коњ, кој му го набавил претседателот на Здружението на граѓани „Илинденски марш“, Пандил Стефковски. Иако претходно немал никакво искуство со јавањето, се нафатил да биде дел од овој настан, убеден во тоа дека сè ќе совлада

Чест и задоволство е да се биде дел од коњицата на Здружението граѓани „Илинденски марш“, која ќе пристигне во Крушево по повод чествувањето на големиот празник 2 Август, Илинден, кога ги одбележуваме почетокот на Илинденското востание и создавањето на првата Крушевска република.

Како и секоја година така и оваа, гордите „илинденци“, 52 коњаници, тргнаa со своите коњи, по 47. пат, од црквата „Свети Петар и Павле“ во Горно Лисиче, на 27 јули, на пат до славното Крушево, носејќи ги духот на Илинден и знамето на Општина Аеродром, која финансиски го поддржува настанот. Меѓу нив има и четири девојки. Највозрасниот меѓу учесниците на Илинденскиот марш од Горно Лисиче е Симон Велковски, кој живее во Шуто Оризари и има 56 години.

Вели дека му е чест и гордост што е дел од Илинденскиот марш и што има можност да јава заедно со младите.

– Сакав да се преиспитам во каква кондиција сум и дали ќе можам да издржам рамо до рамо со младите коњаници. Јас сум човек авантурист и зависник од адреналин. Ова ми е како еден вид терапија. Жал ми е што прв пат сум дел од ова случување, бидејќи претходно обврските не ми го дозволуваа тоа – раскажува Симон, возбуден што е дел од колоната со коњи што ќе го исцрта патот до илинденско Крушево.

Тој вели дека е патриот во душа и воедно, како што потенцира, е гемиџија по крв, по потекло од Велес, какви што биле и неговите дедо и баба и оти, за него, овој настан претставува огромно задоволство и нешто свето.

– Желбата да бидам дел од ова историско сеќавање тлееше во мене одамна и еве сега се исполни, на мое огромно задоволство. Уште повеќе што во 2001 година бев меѓу бранителите – истакна Симон.

Тој раскажува дека, од една страна, неговите мајка и брат се горди што е дел од едно вакво случување, но, од друга страна, стравуваат од непријатни случувања по патот, бидејќи ова ќе биде негово прво „огнено крштавање“.

Патот до Крушево ќе го помине со својот коњ, кој му го набавил претседателот на Здружението на граѓани „Илинденски марш“, Пандил Стефковски.

Иако претходно немал никакво искуство со јавањето, тој се нафатил да биде дел од овој настан, убеден во тоа дека сè ќе совлада.

– Со интензивни тренинзи, секоја вечер од 23 до 27 јули, успеав да научам да јавам коњ. Ми беше предизвик да бидат заедно со младите. Тоа многу ми помогна да ги совладам сите техники. Трениравме околу населбата Лисиче, кај Усје, како и покрај реката Вардар. Така, многу го засакав мојот коњ, а и тој се навика на мене. Многу научив за овие животни, кои се премногу паметни и чувствителни – нагласува Симон.

Тој додава дека со нив работеле инструктори, кои ги учеле како да се држат за седлото поставено на коњот и за уздите во случај, не дај Боже, да се случи нешто. Исто така, вежбале како да одат со коњите по нерамен терен.

– При вежбите, се случуваше коњот да рипне, но, за среќа, никој не беше повреден, бидејќи ни беше кажано како да постапиме. Имало немили случки, барем според кажувањето на коњаниците што повеќе пати биле дел од овој настан. Конкретно, минатата година, рипнал еден од коњите, удрил со главата во тврд предмет и умрел – ги пренесува проблемите на коњаниците при патувањето за Крушево.

Тој додава: „За младите учесници, јавањето коњи е играчка. Тие многу лесно управуваат со нив, како на шега. Им се восхитувам на Македон и Дамјан, првиот има 16, а вториот 18 години. Кога ги гледаш, си велиш, па ова било многу едноставно, но не е баш така. Мора да продреш во душата на коњот за да успееш“.

При тоа, објасни дека по јавањето, на коњите не смее да им се дава вода. Може да пијат дури по еден час, иако сакаат многу вода.

– Правило е, при патувањето, во случај да се повреди некој, да се симнеме сите за да му помогнеме. Секој си носи мантил за дожд во случај да заврне. Се спие во вреќи, и тоа на отворено, исто како што спиеле комитите. Одиме еден зад друг, во колона. Секој коњ си има одредено место и никој не смее да помине никого – објаснува Симон.

Тој додава дека има места, како што се насипите, при минување на река, кога одат пеш, заедно со коњите.

На патувањето до Крушево, коњицата е следена од теренски возила, кои го носат багажот на учесниците. Има и комбе за прихранување на коњите, а има и пијалаци, кои ги носи џип.

Облечени се во специјална комитска облека сошиена за оваа пригода од кројач, која е автентична на онаа што ја носеле комитите некогаш, а има и војводи, чија облека е малку поразлична, тие ќе маршираат низ Крушево и ќе бидат дел од манифестацијата што ќе се одржи на Мечкин Камен, по повод празникот Илинден.

Враќањето од Крушево ќе биде со превоз, а коњите ќе бидат транспортирани со посебни возила. Потоа ќе им бидат вратени на сопствениците, бидејќи најголем дел се донирани за оваа пригода.

За 50-годишнината на Здружението „Илинденски марш“, се најавува дека и враќањето од Крушево ќе биде со коњи.

Симон вели дека наредната година нема да се откаже од овој настан. Додава дека следна животна желба му е да лета со параглајдер и е решен да ја реализира.

Како започна манифестацијата „Илинденски марш“

Илинденскиот марш започнал како самоиницијативен марш, составен од тројца лисичани качени на коњи: Борис Змејковски, Борче и Гоце Стефковски, неколку дена пред Илинден. Тие тргнале од Горно Лисиче и за да стигнат до Крушево, минале низ Брезница, Здуње, Македонски Брод, Сланско, Дреново… На 31 јули 1978 година, тројцата качени на коњи пристигнале во Крушево. Тие се сместиле крај Крушевското Езеро. По сместувањето таму, биле распрашувани од општинската и од месната милициска власт и им било наредено да го напуштат местото. Тогаш во нивна одбрана застанал Владо Карески, кој бил внук од брат на Никола Карев, кој ги примил да се сместат на неговата нива. Коњаниците ја постигнале својата цел и се поклониле пред споменикот „Илинден“. Тоа било прв марш во чест на Илинден во цела СР Македонија. По враќањето, тројцата учесници и нивните најблиски биле уапсени и притворени во полициската станица „Беко“. Најголемиот сомнеж за овој потфат до Крушево бил кон Пандил Стефковски, кој дотогаш бил организатор на повеќе илегални родољубиви организации, спроведувач на многубројни акции за растурање летоци со антијугословенска содржина и човек за слободна и обединета Македонија.

Биле притворени три дена, при што, при испрашувањето, биле тепани. Биле пуштени без образложение и не било спроведено кривично гонење кон нив. Потоа, со судска одлука, бил забранет маршот кон Крушево.

Во 1998 година била возобновена иницијативата за повторно организирање на маршот, од страна на Зоран Цветковски, Гоце Стефковски, Гоце Трпковски, Борче Василевски и на Ванчо Богоевски. Таа година бил организиран вториот марш. На 1 февруари 2000 година, во просториите на месната заедница Горно Лисиче, било одржано собрание на кое било основано Здружението на граѓани „Илинденски марш 1978 година“. На тоа собрание биле присутни: Гоце Стефковски, Зоран Цветковски, Борче  Василевски, Борче Василевски, Ванчо Богоевски, Владимир Змејковски, Гоце Трпковски, Орде Стојановски, кои биле во улога на основачи. Како гости на основачкото собрание, присуствувале и првите коњаници Борис Змејковски и Борче Стефковски, а и Стојан Трпковски, Димче Темелковски, Киро Секуловски, Зоран Јовевски, Тони Трифуновски, Светлан Трпковски и Павле Трпевски.

Таа година, здружението било правно регистрирано, а негов прв претседател бил Гоце Стефковски.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ