Само по еден ден откако весникот ВЕЧЕР објави дека новиот пат до Теферич е пропаднат и во очајна состојба и дека жителите на Кисела Вода стравуваат за својата безбедност, Општина Кисела Вода го затвори за сообраќај.
Градоначалничката Бети Стаменкоска-Трајкоска објави дека денеска, заедно со градоначалникот на Општина Сопиште, Јане Мицевски, повторно извршила увид на терен и врз основа на извршените стручни анализи, во координација со сите релевантни институции, била донесена одлука за итно затворање на овој патен правец.
– Ја информираме јавноста дека интензивно се работи на изнаоѓање на најбрзото и најбезбедно техничко решение за трајна санација на оштетувањето – истакна Стаменкоска-Трајкоска.
Притоа, упати апел до сите граѓани доследно да ја почитуваат поставената сигнализација и да ги користат алтернативните патни правци сè до целосно отстранување на дефектот.
– Посветени сме на изнаоѓањето најбрзо и сигурно решение за враќање на патот во нормална функција. Безбедноста на граѓаните е наш приоритет – заклучи Стаменкоска-Трајкоска.
Инаку, жителите на Кисела Вода и оние од околината на Теферич реагираа дека иако бил поправан пред пет месеци, патот до ова место повторно пропаднал, со што, како што велат, се доведува во прашање нивната безбедност. На социјалните мрежи, со фотографии на кои се гледа дека е патот во сериозна состојба, тие предупредуваа да се избегнува оваа делница.
Тие ѝ предлагаа на Општина Кисела Вода да го забрани движењето на тешки товарни возила по овој пат. Некои сметаа дека треба да се прошири патот нагоре кон ридот со нова лента за да дојде на цврсто тло, бидејќи земјата работи и дека, како што велеа, не спасува ниту изградбата на потпорен ѕид. Трети, пак, сметаа дека итно треба да се затвори тој пат бидејќи ако се случи нешто, ќе биде доцна.
(А. П.)












