Патот кон мир во Украина Трамп го гледа во фудбалот!

24

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека можноста Русија да учествува на Светското првенство во 2026 година може да биде „поттик“ за ставање крај на војната во Украина, јави денеска Би-би-си.

Руската фудбалска репрезентација е суспендирана од сите меѓународни натпреварувања од страна на ФИФА и УЕФА од 2022 година, по почетокот на инвазијата на Украина.

Трамп, кој за време на изборната кампања вети дека ќе стави крај на војната доколку биде избран за втор мандат во ноември 2024 година, рече дека повторното вклучување на Русија во Светското првенство може да придонесе за воспоставување мир.

Според сегашните правила, Русија не може да учествува на Светското првенство во 2026 година, на кое заеднички домаќини ќе бидат САД, Канада и Мексико. Квалификациите започнаа во септември 2023 година, а освен трите домашни селекции, остануваат уште 45 места.

Говорејќи на првиот состанок на работната група на неговата администрација за Светското првенство во 2026 година, Трамп рече дека дозволувањето на Русија да се врати во натпреварувањето може да доведе до крај на војната во Украина.

Претседателот на ФИФА: Русија засега суспендирана

За време на разговорот со претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, Трамп призна дека не знаел дека Русија е суспендирана од турнирот.

Инфантино рече дека „засега Русија е суспендирана, но се надеваме дека нешто ќе се промени и дека ќе дојде мир, за да можат повторно да бидат примени“.

„Тоа би можело да биде добар поттик, нели? Сакаме да ги натераме да престанат. Сакаме да престанат. Пет илјади млади луѓе неделно ги губат животите – тоа е едноставно неверојатно“, рече Трамп.

ИЗДВОЕНИ