Силни пораки за обединување, достоинствена евроинтеграција и справување со предизвиците што ја следат земјава на патот кон Европската Унија упати државниот врв на одбележувањето 34 години независност на Македонија. Лидерите се осврнаа на важноста на заштитата на државниот суверенитет, националното достоинство и на владеењето на правото. Премиерот Христијан Мицкоски порача дека наш приоритет се европските интеграции, но дека тој пат не смее повеќе да биде срамен, туку достоинствен.
– Наш приоритет се европските интеграции. Биле, се и ќе останат врвен приоритет, но тој пат не смее повеќе да биде срамен, треба да биде достоинствен. Треба да биде пат на кој ќе бидеме рамноправни со сите други европски народи, а не понижени и засрамени како што, за жал, се чувствуваме сите – рече премиерот.
Во однос на предлогот за црвени линии во преговорите со Бугарија, инициран од претседателот на СДСМ, Венко Филипче, Мицкоски истакна дека е во исчекување на предлогот, нагласувајќи дека додека тој е претседател на Владата, нема да има никакви игри со вакви прашања.
– Со радост го чекам тој предлог, да видам каков ќе биде. Во исчекување сум, со нетрпение го чекам. Од истите оние што прифатија декларација за непромена на името, па потоа го сменија, од оние што викаа дека нема ултиматуми, па го донесоа францускиот предлог, од оние што велеа „ајде на референдум“, па потоа не ги признаваа резултатите од него. Ајде да видиме какви се тие црвени линии, чија боја ќе биде побледа од најбелата боја, затоа што не може во исто време да се зборува за црвени линии, а да се вели „мора да се прифати сè што е на маса, безусловно“. Но ви велам, да бидете сигурни дека додека јас сум претседател на Владата, нема да има игри со вакви прашања. Државата ќе биде сигурна – рече тој.
Во својот говор по повод независноста, премиерот рече дека „денес повторно сме исправени пред времиња што бараат храброст и одлучност“.
– И повторно мора да го направиме вистинскиот избор: изборот на работа, изборот на заедништво, изборот на иднина што ќе им ја оставиме на нашите деца. Независноста не е само потпис и хартија, таа е и жртва, таа е и борба, таа е и љубов кон оваа света земја. Тоа е аманет од нашите предци, но и завет пред идните генерации. Да се обединиме! – порача премиерот Христијан Мицкоски на централната свеченост по повод одбележувањето на 34-годишнината од осамостојувањето на државата.
Најавувајќи неселективна правда, подобар животен стандард за граѓаните и борба да се зголеми наталитетот, Мицкоски се осврна и на едно, како што рече, големо потфрлање што, како држава, го имаме речиси три и пол децении од постоењето на независната македонска држава, а тоа е чувството на разочараност од системот.
– И ова мора да се смени, а правдата да не прави разлика кој од каде е, кој од која политичка страна доаѓа и кој колку пари има, туку дали го прекршил законот или не, дали сторил криминал или не. И оние што мислат или се прикажуваат за заштитени од одговорност треба да знаат: сега или малку подоцна правдата ќе ги стигне – порача Мицкоски.
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, во својата честитка рече дека „во свет заснован на сила, а не на право, сè уште водиме битка за рамноправна, европска и правна држава, членка на Европската Унија“. Таа потсетува дека сè уште се соочуваме со бројни внатрешни поделби и кризи, со надворешни притисоци и предизвици и со отстапки и компромиси што не се усогласени со референдумската одлука од 1991 година и со меѓународното и со националното право.
– Денес, 34 години потоа, во свет заснован на сила, а не на право, сè уште водиме битка за суверена, рамноправна, модерна, стандардна, европска, правна држава, членка на Европската Унија. Изминативе три децении се соочивме со бројни внатрешни поделби и кризи, со надворешни притисоци и предизвици, со отстапки и компромиси неусогласени со референдумската одлука од 1991 година, па и со меѓународното и со национално право. Политиката, за жал, нè учи дека неправдите не се отстрануваат со потег на перото, туку со макотрпна домашна и меѓународна борба, со правни аргументи и внимателни политички активности, со макотрпно градење пријателски сојузи, а не со непромислени и избрзани акти, со внатрешно единство, а не со поделби, со самопочит, но и со меѓусебна почит – нагласува Сиљановска-Давкова.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, во честитката повика на обединување околу вредностите на сплотеноста и посветеноста за исполнување на аспирациите на земјава. Тој порачува дека е време секој да придонесе за зајакнување на мирот, стабилноста и на соживотот и сите заедно да работиме за посилна, поправедна и пообединета држава.
– Само со сплотеност и со заедничка посветеност можеме да ја реализираме визијата за посветла иднина на нашата држава и за идните генерации – вели Гаши.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, пак, во своето обраќање порача дека „државата не е ничија сопственост“. Филипче предупреди дека денес државата е повторно пред закана – не од оружје, туку од корупција, неправда, дискриминација и од сиромаштија. Тој укажа дека оваа власт ја претвора државата во сопственост на малкумина и ја оддалечува од граѓаните.
– Сакам да ѝ порачам на власта: ова е земја на сите, за сите. Не е само ваша. Не е сопственост на партиите, ниту на Владата. Државата е на граѓаните. Таа е нашиот дом. За нашиот дом мора да се бориме сите – вели лидерот на СДСМ во видеообраќање.
Од движењето ЗНАМ – За Наша Македонија порачаа дека независноста не е формалност од минатото, туку трајна задача за сегашноста и за иднината.
– Жртвата и храброста на граѓаните што ја создадоа Македонија се наша обврска секој ден да градиме посилна, поправедна и послободна држава. Одбележувањето на Денот на независноста нè потсетува дека иднината на државата се гради преку единство, одговорност и визија – вредности кои ги споделува и за кои силно се залага движењето ЗНАМ – За Наша Македонија – велат оттаму.
Централната свеченост по повод Денот на независноста се одржа во Македонската филхармонија, под слоганот „Од сон до реалност, за вечност“, а претходно беше положено и свежо цвеќе на вечните почивалишта на претседателите Киро Глигоров и Борис Трајковски, како и на првиот премиер, Никола Кљусев. Во пресрет на празникот, пак, во касарната „Илинден“ во Скопје беше извршена почесна артилериска стрелба со десет плотуни од шест артилериски орудија, како дел од протоколарните обврски на Армијата за одбележување празници. (В.С.Н.)