Патики донирани во Минхен „пешачеле“ 800 километри до продавница во БиХ, инфлуенсер откри како патуваат донациите во Црвениот крст

73

Тикток-инфлиуенсерот од Германија наречен Мое Хаа решил да спроведе експеримент и да открие што се случува, всушност, со работите што ги донираат луѓето секој ден во Црвениот крст. Експериментот бил успешен, но тој бил шокиран кога она што го открил го однело стотици километри далеку, при што неговото откритие отвора сериозни прашања за патот на хуманитарната помош.

Како што покажува во своето видео, кое стана вирално, тој скрил мал ГПС-уред во донирани патики. Преку него почнал да го следи нивниот пат, на почетокот уверен дека со донацијата им помага на луѓето на кои им е навистина неопходна таа. Но, останал збунет и разочаран кога видел дека неговата донација отпатувала до другиот крај на Европа, во Босна и Херцеговина.

По кратко време откако ги оставил патиките во контејнерот за донации во Минхен, сигналот на уредот покажал дека тие се движат брзо – прво кон Крањ, Словенија, па кон Загреб во Хрватска, а потоа кон Босна и Херцеговина. Само пет дена подоцна и по речиси 800 поминати километри, патиките завршиле во продавница за половна стока во Цазин, мал град на западот од Босна и Херцеговина, близу до хрватската граница.

Изненаден од оваа ситуација, тиктокерот решил лично да провери што се случило.

– Не можев да поверувам, по само пет дена! Остана само една опција – вели тој во видеото.

Бидејќи не сакал да се помири со ситуацијата, го спакувал куферот и тргнал за БиХ за да провери дали навистина се патиките таму. Слетал во Хрватска со авион, потоа изнајмил автомобил и се упатил кон Цазин, каде што го пречекала неочекувана глетка: неговите патики, сега по цена од 20 конвертибилни марки (околу 10 евра), биле уредно изложени во продавницата. Кога  прашал од каде се патиките што ги продаваат, продавачката му рекла дека доаѓаат од Германија.

– Мојот шеф е од Босна, но живее во Германија. Оттаму носи гардероба – објаснила таа.

Револтиран, тиктокерот си ги купил своите патики и веднаш по пристигнувањето во Германија, се обратил во Црвениот крст, барајќи одговор за тоа како завршил донираниот предмет во друга земја, и тоа во продавница. Но, не добил одговор.

– Се прашувам, како ги донирав во Црвениот крст во Германија, а сега се тука, на 800 километри оддалеченост, се продаваат и никаде не пишува дека се донација од Црвениот крст – вели младиот човек на крајот од видеото.

ИЗДВОЕНИ