Федералното истражно биро на САД (ФБИ) им помага на австралиските власти по нападот во Сиднеј, објави денес директорот на ФБИ, Каш Пател.
„Во контакт сум со нашите колеги во Австралија во врска со ужасниот напад на фестивалот Ханука во Сиднеј.
Ја обезбедуваме бараната помош и ќе објавиме нови информации кога ќе можеме. Ве молиме, чувајте ги жртвите и нивните семејства во вашите молитви“, напиша Пател во објава на социјалната мрежа „Икс“.
Најмалку 12 лица се убиени, вклучувајќи го и еден од двајцата напаѓачи, во пукање на плажата Бонди во Сиднеј, додека членови на еврејската заедница се собрале да го прослават празникот Ханука, според најновите податоци, додека 29 лица се повредени, објави австралискиот „Еј-би-си њуз“.
Австралискиот премиер Ентони Албанезе денес изјави дека злото ослободено во терористичкиот напад врз членовите на еврејската заедница во Сиднеј е „несфатливо“ и дека претставува „целен напад врз Евреите“ во Австралија, објави „Танјуг“.
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, денес го осуди нападот врз еврејската заедница во Сиднеј, опишувајќи го како „чист антисемитски напад“, додавајќи дека Евреите во Соединетите Американски Држави не треба да се плашат да ја прослават Ханука.












