Критичка порака да не предизвикува етнички поделби и тензии му упати премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на својот партнер во владината коалиција, Билал Касами, кој е тетовски градоначалник и лидер на Беса, дел од коалицијата „Вреди“. До ова дојде откако, неодамна, на партиски собир, Касами ги повика „Албанците да си ја вратат Општина Брвеница назад“. Во текот на денешниот престој во Општина Брвеница, каде што изрази силна поддршка за актуелниот градоначалник – Јовица Илиевски од ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски одговори на новинарско прашање за тоа како го коментира неподдржувањето на новата кандидатурата на Илиевски од страна на Касами, во ситуација кога владејачката партија ќе го поддржи тетовскиот градоначалник на октомвриските избори. Според премиерот, најбитно е Илиевски да го поддржат жителите на Општина Брвеница, дека е јасно дека Македонците и Албанците го поддржуваат за градоначалник и дека ВМРО-ДПМНЕ силно ќе го поддржи.
– Ја слушнав таа изјава на Билал Касами. Морам да кажам дека, за жал, без потреба влегува во фолклорот на опозициската ДУИ. Мојата препорака до него е дека етничките поделби и тензии не се алатка да се привлече внимание во јавноста и да се добијат гласови. Тој треба да зборува за проектите во Тетово што се направени заедно со поддршка од Владата, за сите, за Македонците, за Албанците, за Турците, за Ромите, за Србите, за Бошњаците… Овде, во Брвеница, кандидатот на коалицијата „Вреди“ треба да зборува за проектите што ќе ги направи за жителите на Брвеница, а не да гледа дали е Македонец или Албанец. Тоа е политика на минатиот век и јас мислам дека таквата политика не му носи предност никому. Јас сум задоволен и среќен што е Јовица космополит, што ја има поддршка на сите етнички заедници во Брвеница и што по вторпат ќе биде градоначалник во Брвеница – потенцира Мицкоски.
Тој додаде дека поделбите не носат иднина и дека тоа е реторика што, во овој период, ја наметнува опозициската ДУИ.
– Обединувањето и заедништвото треба да бидат заеднички именител на сите жители во Општина Брвеница. Граѓаните да гледаат што се работи, што е сработено, а не да оценуваат врз основа на етничката или на политичката припадност или неприпадност. Ваквата реторика, за жал, ја започна ДУИ со оние настани на кои зборуваше за поделби, етнички поделби, враќајќи нè во 2001 година. Не може вие да очекувате од ДУИ да зборува за образование, здравството, инвестиции, туку за 2001 година и за поделби. Таквиот вид реторика предизвикува ваков вид реакции – нагласи премиерот, додавајќи дека очекува убедлива победа на кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ на изборите.
До подигнување на тензијата меѓу партнерите во Владата доаѓа откако се интензивира кампањата во пресрет на локалните избори. Општина Брвеница е една од етнички мешаните општини за кои се прават калкулации околу победата. Таму свои кандидати досега имаат ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“ и ДУИ, која ќе поддржи независен кандидат. Според пописот на населението пред четири години, во Брвеница има вкупно 13.645 жители, од кои 5.715 Македонци, а 7.377 Албанци. Со тоа, резултатите на локалните избори во оваа општина секогаш биле неизвесни. Актуелниот градоначалник, Илиевски, пред четири години, победи со мала разлика во однос на независниот кандидат Енвер Пајазити. Сега, на претстојната трка, им се придружува и директорот на Државниот инспекторат за локална самоуправа, Хаќим Рамадани, како кандидат на „Вреди“. Тоа значи дека ќе се води жестока битка како во првиот така и во вториот изборен круг.
Брвеница е само една од општините во кои ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ ќе имаат свои партиски кандидати во ситуација кога се договорени изборна соработка и поддршка во повеќе општини. Слично на ова, владините партнери ќе бидат ставени на тест и во Кичево, каде што главни фаворити за градоначалник се тројца кандидати – Александар Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ, актуелниот градоначалник – Фатмир Дехари од ДУИ и актуелниот министер за социјална политика – Фатмир Лимани, како кандидат на „Вреди“. Практично, ќе се случи реприза на изборниот дуел меѓу овие тројца кандидати, кои беа главни актери и на локалните избори во Кичево, во 2021 година. Тогаш, во првиот круг од гласањето, Александар Јовановски имаше најмногу гласови, но потоа, во вториот, загуби од фаворитот на ДУИ, Фатмир Дехари, откако испадна Лимани од тркната, кој беше независен кандидат. Познато е, во Кичево, според пописот, има 16.373 Албанци, 16.020 Македонци и 2.553 Турци, што значи дека изборната битка ќе биде неизвесна. Но, извесно и со пораки што ќе предизвикуваат реакции кај партнерите во Владата.
На претстојните избори има повеќе општини со мешано население, во кои ќе се решава победникот зависно од поддршката што ќе ја добие од македонскиот или од албанскиот корпус на гласачи. ВЕЧЕР неодамна пишуваше дека македонските гласачи може да бидат клучни за победниците во повеќе општини во кои има повеќе етнички Албанци: Гостивар, Дебар, Струга, Тетово, Чашка, Долнени… Исто така, во повеќе општини, албанските гласачи може да бидат решавачки за нечиј триумф во општините во кои има повеќе етнички Македонци: Петровец, Јегуновце, Крушево, Куманово, Бутел, Гази Баба, Шуто Оризари. (Б. Ѓ.)
ЗНАМ доби поддршка за Куманово и за Центар
Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, по прексиноќешната седница на Извршниот одбор, соопшти дека се избрани уште 16-мина кандидати за градоначалници. За кандидат за градоначалник на Општина Сопиште е избран Јане Мицески, за Кичево – Александар Јованоски, за Крива Паланка – Оливер Алексовски, за Маврово и Ростуше – Омер Јакупоски, за Кривогаштани – Сашо Ронковски, за Шуто Оризари – Ерџан Демир, за Крушево – Нико Чонески, за Валандово – Ѓоко Камчев, за Виница – Митко Костадиновски, за Демир Хисар – Никола Недоски, за Чешиново-Облешево – Јордан Костадинов, за Радовиш – Љупчо Почиганец, за Чашка – Дејан Андоновски, за Прилеп – Дејан Проданоски, за Струмица – Петар Јанков, за Неготино – Благој Ацев. За Кисела Вода, како што рече генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски, сè уште траат анкетите.
– Во Куманово и во Центар ќе бидат поддржани кандидатите што ќе бидат предложени од коалицискиот партнер ЗНАМ. Убедени сме во способноста на секој избран кандидат – изјави Сајкоски.
Тој не објасни дали преговорите со ЗНАМ се веќе завршени или и натаму се преговара за поддршка во преостанатите општини. Од ЗНАМ, пак, денеска ни изјавија дека преговорите се уште не се завршени.