Глас за или против состојбите во државата или на подрачјето на општините? Вака, сублимирано гледано, може да се дефинира дилемата пред која сè повеќе ќе бидат изложени македонските гласачи во пресрет на претстојните есенски локални избори. На тоа недвосмислено укажува она што го прават во последниве недели партиите од власта и од опозицијата, како своја активност. Партиските ставови, соопштенија, обвинувања, стратегии… очигледно укажуваат дека кампањата што ја подготвуваат за граѓаните во најголем дел ги има карактеристиките на онаа наменета за парламентарните избори. Односно, процесот на избор на кандидатите за градоначалници, за општински советници многу повеќе е проследена со зборување за состојбите во државата отколку за состојбите во општините. Оттаму прашањето е: Дали ќе бидат ставени граѓаните во ситуација, при гласањето, повеќе да водат сметка за состојбите во државата или за општинските улици, канализации, паркови, детски градинки, училишта, паркинзи, сообраќај?…
Нешто повеќе од три месеци пред изборите, насоченоста на партиските стратегии укажува дека локалните избори ќе бидат полигон за парламентарна пресметка. Деновиве кулминира тоа во однос на изминувањето една година од работата на новата Влада, составена од коалицијата ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и „Вреди“, по победата на ланските парламентарни избори. За аналитичарите, наметнувањето ваква кампања во овој период не е изненадување.
– Со оглед дека изборите се во втората половина на октомври, реално и нема многу време за заземање позиции, имајќи предвид дека август секогаш е политички мртов, затоа што и Владата одмора две недели (по втори август), а и практиката покажува дека што било сработено во тој период останува незабележано. Позитивно е што со време се обелоденети дел од кандидатите, а не како во минатото – во 5 до 12, кога до последно имало „мешетарење“. Добро е да знаат гласачите со време која е понудата – вели аналитичарот Александар Ристевски за весникот ВЕЧЕР.
Најголемата опозициска партија, СДСМ, која лани доживеа тежок изборен пораз и која сега посакува рехабилитација, веќе ги покажа „оружјето и аргументите“ со кои ќе ги убедува граѓаните повторно да гласат за неа. Јавната трибина насловена „Македонија понижена“, која ја организираа социјалдемократите викендов, покажа и за што ќе се зборува во кампањата од нивна страна. А, поентата е во тоа дека државата наместо да стане горда, како што ветувала власта, станала понижена, дека најмногу биле понижени работниците со ниски плати и ослабен животен стандард, дека одело лошо во економијата, дека немало ништо од реформите во судството, дека била запрена евроинтеграцијата, дека не треба да се срами партијата од договорите со Грција и со Бугарија, дека се случувале меѓуетнички тензии, дека имало селективна истрага за најголемата трагедија со пожарот во Кочани…
– Мора јасно да се каже дека денеска Македонија не е горда, туку понижена. Понижени се работниците, земјоделците, младите… Македонија се соочува со економска криза каква што не е видена со децении. Платите се најниски во Европа и по седум години, престанаа да растат. Животниот стандард е најлош во Европа. Живејачката станува неподнослива, а граѓаните се оставени сами пред ударот на енормните цени, падот на куповната моќ и луксузот на функционерите. Секојдневно нè убедуваат дека имаме силен економски раст, но реалните бројки се брутални. Инфлацијата е речиси 4,5 отсто, а растот скромни 2,6 проценти. Првпат имаме негативен економски резултат, полош и од воената 2001 година. Граѓаните живеат на работ на достоинството, додека функционерите на Мицкоски и тој самиот се расфрлаат со луксуз: приватни авиони, скапа храна и хотели од соништата – потенцира на трибината лидерот на социјалдемократите.
Опозициските претставници наведуваа и тоа дека власта немала ни план ни стратегија и волја како ќе стане нашата држава членка на ЕУ, дека го избрала патот на изолацијата, дека не се носеле реформски закони во судството оти не се сакала негова независност, дека во администрацијата се вработувале по партиски списоци, дека биле изневерени земјоделците. А, за локалната самоуправа малку работи се слушнаа, најмногу за состојбата во главниот град, Скопје, каде што главен виновник за лошата состојба, покрај градоначалничката Данела Арсовска, била владејачката партија, ВМРО-ДПМНЕ, која граѓаните „ќе ја казнат на изборите“.
За аналитичарот Ристевски, не е изненадување што опозицијата почнува да води ваква кампања.
– Нивните пристап и тактика се познати, со водење црна кампања и дефокусирање од темите, во отсуство на кадровски решенија, квалитетни кандидати и реална програма. Факт е дека во практиката исклучително лошо и арогантно ја практикуваат локалната власт, оставаат штета зад себе, но и непопуларни урбанистички решенија. Самиот стил на зборување за државните теми, во локалната кампања, покажува дека немаат што да понудат – смета овој аналитичар.
На ударите од редовите на опозицијата, власта деновиве одговараше со контрааргументи. За синоќа беше најавена седница со отчет на Владата за сработеното во едногодишниот период, но и пред тоа, премиерот Мицкоски ги посочи најголемите успеси со кои, бездруго, ќе настапи и во кампањата.
– Кај СДСМ има развиено чувство на стокхолмски синдром. Кога се вљубува жртвата во ловецот. Таа партија што ја понижи, клекна, опустоши и разграби Македонија, денеска зборува за Македонија понижена. Ние цела година крпиме дупки што ги оставија тие. За една година ги покачивме пензиите, платите, градиме патишта, обезбедивме странски инвестиции од 1,2 милијарди евра, обезбедивме учебници… Македонската економија е на четврто место во Европа според растот на БДП, во првиот квартал и се наоѓа веднаш зад Ирска, Данска и Полска – објави вчера македонскиот премиер.
Тој се пофали дека се активираат околу 1.200 градилишта во општините, по основ на разни проекти со кредитни средства, што не се случило досега во историјата на Македонија. А, со проектите што се прават на подрачјето на целата држава од страна на централната власт, бројот на градилишта се искачува на 1.500.
– Власта секако дека ќе мора да даде одговор на предизвиците и прашањата, но не смее да влезе целосно во таа игра како да се изборите парламентарни. Локалната власт си имаа свои специфики, а тоа се секојдневните потреби на жителите во секоја единица на локалната самоуправа. Сè уште зборуваме за водовод, канализација, греење, собирање смет, зелени површини, паркинг-места, заштита од загадување и бучава. Квалитет на живот, тоа му треба на секој жител во државава. Редовен локален, меѓуопштински и меѓуградски превоз, брзи услуги, комунална полиција и редари. Овие избори се за тоа – смета аналитичарот Ристевски.
Од движењето ЗНАМ – За наша Македонија, пак, ветуваат кампања со аспект на локалните теми, под мотото „Со срце за нашата општина“, која, како што тврдат, не е формалност, туку базирана на основните проблеми во локалната заедница на граѓаните.
„Со срце за нашата општина“ не значи само дека ќе бидеме присутни туку и дека заедно со граѓаните ќе ја создадеме најавтентичната, најчесна и најреална програма за претстојните локални избори. Ние не водиме кампањи од фотелја, туку директно од терен. Карванот на движењето ЗНАМ – За наша Македонија ќе го посети секој град, секое населено место, ќе влеземе во секоја месна заедница и, заедно со граѓаните, ќе ја напишеме програмата за локалните избори. Тоа е нашата сила, автентичност, транспарентност и блискост со народот – најави партискиот портпарол, Никола Мемов.
Во меѓувреме, и во албанскиот политички кампус се развива кампања со доминантност на темите од доменот на централната власт. Партиите од „Вреди“, кои се дел од владиното мнозинство, деновиве се пофалија со вработувањето на припадниците на албанската заедница во државните служби, дека наскоро ќе биде донесен закон за соодветна и правична застапеност. Сè со цел да се одговори на нападите на опозициската ДУИ дека се во подредена положба во Владата, дека се откажуваат од албанските национални интереси… Тоа доволно зборува дека и таму локалните теми ќе бидат во сенка на битката со државните теми.
– На локалните избори треба да бидат доминантни строго локалните теми, во 90 проценти. Секако дека кога носителите на изборните листи, министрите и премиерот ќе зборуваат, ќе даваат одговори на прозивките од опозицијата, но локалните избори треба и ќе мора да бидат за локалните теми и за соработката со централната власт. За подобрување на квалитетот на животот на секој еден. Сè друго е гол популизам и само на среден рок ќе направи незадоволство и револт кај народот. Локалната власт иницира и спроведува ред, а народот сака чисти тротоари, паркови, заштита од бучава, клупи, фонтани, редовен превоз, урбанистички ред, средени градинки и училишта. Јас посакувам да има многу малку дневна политика, многу повеќе реални конкретни решенија. Да се гласа за личности и програма – потенцира аналитичарот Александар Ристевски (Б. Ѓ.)