ПАРТИСКИТЕ ПАЗАРЕЊА СЀ ПОИНТЕНЗИВНИ: Излези – влези коалицирања пред локалните избори

82

Напуштање на досегашните партнери, тропање на портите за влез во друштвото на другите… Вака би можеле да се окарактеризираат сè поинтензивните промени во редовите на досегашните партиски коалиции кои беа воспоставени за минатогодишните парламентарни избори. Она што неодамна го направи ексминистерот за здравство и лидер на дел од Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, со напуштањето на коалицијата „Вреди“, која е дел од владиното мнозинство, сега почна сè почесто да се случува. Таравари со своите сопартијци, според неофицијалните информации, веќе направи договор со партнерите од актуелната опозициска коалиција „Европски фрон“ предводен од ДУИ за тоа во која од општините меѓусебно ќе се поддржуваат, иако се воздржаа и од формално обединување.

Деновиве, пак, најголемите потреси почнаа да се случуваат во редовите на опозициската „Коалиција за европска иднина“ предводена од СДСМ, чиј лидер Венко Филипче до неодамна изјавуваше дека е единствена и во пресрет на локалните избори. Партијата на пензионерите викендов објави дека излегува од опозициските редови каде беше цели осум години и дека сака да стане дел од владината коалиција „Твоја Македонија“ на есенското гласање.

–Тоа беше барање на нашето членство. Не сметам дека тоа што порано бевме дел од власта и сега во коалиција со СДСМ ни е хендикеп за преговори со ВМРО-ДПМНЕ. Ние како партија не сме идеолошки оптоварени, може да соработуваме и со ВМРО-ДПМНЕ и со СДСМ, целта ни е да се решаваат проблемите на пензионерите, но и на ранливите групи и на младите. Ќе преговараме, ќе бараме советнички места на листите… тоа е смислата на политиката, да може да ги менуваат состојбите – ни изјави денеска лидерот Илија Николовски.

Пензионерите веќе ги искажаа и своите барања до владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ: советници во повеќе општини, кандидат за градоначалник во Карбинци, но и членство во управни одбори на локално и на централно ниво, како на пример во Пензиско и инвалидско осигурување на Македонија и Фондот за здравствено осигурување.

Ова веднаш предизвика реакции и на социјални мрежи на приврзаниците на владејачката партија.

– Осум години дремеше во фотелја и дигаше и спушташе рака во сон како му беше кажано… Нè нарекуваше нас, кои трчавме за правата на пензионерите „ситни вмровчиња“!… Сега имал желба и тој да биде „ситно вмровче“ само за да се смести во фотелја, а останатото „цело негово членство” од стотина души по управни одбори, од Катастар, ПИОМ… итн. – напиша еден граѓанин во свој коментар на „Фејсбук“.

Од СДСМ денеска не добивме коментар за заминувањето на Партијата на пензионерите. Претходно, опозициска коалиција предводена од СДСМ ја напушти ДОМ од каде објавија дека на локалните избори нема да коалицираат со политички партии, туку со граѓанскиот сектор и ќе формираат „Коалиција за зелена иднина“. Неизвесно е и што ќе се случи со ЛДП, чија лидерка Моника Зајкова во парламентот дејствува самостојно. Од најголемата опозициска партија СДСМ, пак, вчера не одговорија на нашите прашања за тоа што се случува во нивната коалиција и во каква форма таа ќе ги дочека локалните избори. Претходно, познато е, лидерот Филипче најавуваше дека ќе „преговараат со сите политички партии со кои имаат согласност околу програмите кои ќе им ги ветат на граѓаните“.

Лидерот на ГРОМ, Стевче Јакимовски, пак, денеска ни изјави дека тие веќе имале средба во рамките на коалицијата „Храбро за Македонија“ составена уште од Интегра и Партијата за целосна еманципација на Ромите.

–Расположението е да ја продолжиме соработката и на локалните избори. Но, истовремено разговараме и за соработка со други политички партии, но не и со ВМРО-ДПМНЕ – потенцира Јакимовски.

Зголемување на бројот на партнерите неодaмна најавија и од Европски фронт предвиден од ДУИ. Пратеникот Блерим Беџети соопшти дека новите партнери нема да им бидат само политички партии.

–Ќе се прошируваме не само со партии туку и so поединци, со невладиниот сектор и со други и за тоа упатуваме јавен повик – нагласи Беџети. (Б.Ѓ.)

 ВМРО-ДПМНЕ прво ќе слуша кои се барањата на новите партнери, па ќе решава дали да ги прима

Од владеjачката партија ВМРО-ДПМНЕ вчера ни изјавија дека барањето на партијата на пензионерите,но и другите барања допрва ќе бидат разгледувани.

– Како партија имаме формирано посебна комисија која ќе контактира и ќе преговара со другите партии кои сакаат да ни се придружат во нашата коалиција која брои 24 члена. Преговорите со нив сè уште не се започнати, но ќе се одржат во наредниот период. Сакаме да видиме кои се нивните барања и очекувања. Потоа ќе решиме дали ќе се проширува нашата Коалиција – ни изјави Ѓорѓија Сајковски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

ИЗДВОЕНИ