Опозициска коалиција „Европски фронт“, предводена од ДУИ, почна да се ретчи откако Демократска партија на Турците на Македонија соопшти дека на локалните избори ќе настапи самостојно, а лидерот на ДПА, Мендух Тачи, изјави дека им пропаднале разговорите за соработка со интегративците. До ова доаѓа и покрај најавите на партиски функционери од ДУИ во изминатиов период дека ќе се проширува нивната коалиција. ДПТМ, преку соопштение, информира дека партиските органи донеле одлука да настапат самостојно на локалните избори закажани за 19 октомври.
– Оваа одлука ќе отвори ново и значајно поглавје во политичката историја на Турската заедница во нашата земја. Едногласно донесовме одлука да настапиме самостојно на изборите – со сопствени кандидати за советници и за кандидати за градоначалници во општините каде што живее претежно популација од Турската заедница. Во согласност со јасно изразената волја на народот, донесена е и одлука за излегување од коалицијата „Европски фронт“. Со овој чекор ја зацврстуваме нашата независна политичка позиција и ја потврдуваме нашата решеност директно да му служиме на народот, без посредници и компромиси што би ја разлабавиле нашата мисија. Нашата цел е да обезбедиме достоинствено и ефективно претставување на Турската заедница пред локалните власти – соопштија од оваа партија.
Од друга страна, лидерот на ДПА, Мендух Тачи, изјави дека соработката со актуелната Влада е практично невозможна, но и дека не постигнал договор со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за натамошна соработка.
– Во последните месеци имаше поголем интензитет на разговори, барајќи од двете страни заеднички точки меѓу оваа Влада и ДПА. Но, на крајот дојдовме до заклучокот дека немаме никакви заеднички точки. Дозволете ми да констатирам дека овој разговор денес и официјално е затворен. Иако покажавме желба за конструктивност, дојдовме до заклучок дека немаме ништо заедничко со политиката на оваа Влада и нема да имаме – рече Тачи.
Тачи додаде дека пропаднале и разговорите за соработка со првиот човек на ДУИ, Али Ахмети. Тој најави дека в недела ќе заседава највисокото партиско тело, по што ќе биде донесена одлука за идното дејствување на ДПА.
– Наскоро, мислам дека в недела, највисокото тело на нашата партија, Централното собрание, ќе заземе прецизни ставови со заклучоци за во иднина. За жал, можам да констатирам дека дури и разговорите или преговорите со г. Ахмети не успеаја, па затоа ќе имате разбирање што денес нема да давам премногу детали додека не бидат верификувани овие ставови од партиските тела. В недела ќе има долг состанок на кој ќе разговараме и ќе донесеме одлуки за понатамошните активности на нашата партија – рече првиот човек на ДПА, кој уште пред речиси 10 месеци најави дека нема да бидат дел од фронтот.
Од друга страна, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ влегува во завршна фаза од определувањето на своите кандидати за градоначалници и за советници. Партискиот лидер и премиер, Христијан Мицкоски, во текот на вчерашниот престој во Штип изјави дека од денеска продолжуваат со анкетните мерења за кандидатурите за претстојните локални избори.
– На почетокот од септември ќе се одржи состанок на Извршниот комитет на партијата. Тогаш очекувам да бидат познати сите кандидати, за цела Македонија, бидејќи крајниот рок за пријавување е 13 септември – изјави Мицкоски.
Во однос на соработката со коалицискиот партнер ЗНАМ, тој рече дека се мошне блиску до договор за своите кандидати за Куманово и за Центар.
– Многу блиску сме до договор. Не би можел да кажам дека имаме конечен, но многу блиску сме до договор. Во таа насока, мериме уште неколку општини, да видиме дали во тие општини кандидатот од ЗНАМ или кандидатите од ВМРО-ДПМНЕ имаат подобри перформанси кај граѓаните, уште две-три општини се во фокусот на тие разговори. И убеден сум дека на крајот ќе постигнеме договор за заедничка поддршка на кандидатите за градоначалници. Што се однесува до советничките листи, коалицијата што ќе ја предводи ВМРО ќе си има свои листи, а политичката партија ЗНАМ ќе си има свои листи – додаде Мицкоски. (Б. Ѓ.)