Партиските интереси и поголемата профитабилност ги „тераат“ функционерите кон градоначалничка кандидатура: Министри, пратеници, директори… спремни за локален трансфер

120

Поголема плата, поголем кабинет и асистенти во него, подобро службено возило, лично обезбедување, поголемо значење во јавноста… сето ова го оставаат дел од македонските министри и пратеници за да се кандидираат за градоначалничката функција. Бројните примери од минатите локални избори се на пат да се повторат и сега. Вицепремиерот и министер за животна средина, Изет Меџити, завчера соопшти дека, по сè изгледа, ќе биде кандидат на коалицијата „Вреди“ за градоначалник на скопската општина Чаир.

– Најверојатно, да – одговори Меџити на новинарско прашање дали сака наскоро да го замени министерскиот кабинет со оној градоначалничкиот.

До ова доаѓа откако нивниот главен политички ривал, коалицијата предвидена од ДУИ, реши кандидат за чаирски градоначалник да ѝ биде поранешниот кандидат за претседател на државата, вицепремиер и ексминистер за надворешни работи и европски прашања, Бујар Османи. Во јавноста, и за Османи имаше коментари дека тоа претставува паѓање од досегашното ниво, но тој објасни дека „не се работи за функција, туку за одговорност, бидејќи граѓаните на Чаир не заслужуваат да живеат во супстандардни и небезбедни услови“. Но, сега е јасно дека двете спротивставени коалиции за кои локалните избори и Општина Чаир претставуваат поле за решавачка битка, решиле да ги номинираат најголемите адути што ги имаат. А овој пример, можеби, и нема да остане единствен, оти неофицијални извори наведуваат дека во улога на кандидат за скопската општина Сарај би можел да се најде министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, а за Кичево – министерот за социјална политика, демографија и млади – Фатмир Лимани.

Ваквата ситуација и министерските кандидатури, зборуваат примерите, не се првпат и биле чести во изминативе изборни циклуси. Така, на пример, на минатите локални избори имаше цел куп градоначалнички кандидатури поднесени од министри, заменици-министри, пратеници… Најзвучна, секако, беше објавената кандидатура на тогашниот министер за здравство, Арбен Таравари, за прв човек на Гостивар. Тој тогаш објасни дека неговата партија, Алијанса за Албанците, морала да понуди кандидат за градоначалник бидејќи не успеала да се договори со помалите партии.

– Нема друг член од нашата партија што би го кандидирале за градоначалник – објасни тогаш Таравари, најавувајќи истовремено дека ќе се повлече од функцијата, но и од политиката ако не победи на изборите.

Тогаш свои кандидатури поднесоа и тогашниот министер без ресор – Рамиз Мерко за градоначалник на Струга, заменик-министерот за образование – Висар Ганиу за градоначалник на Чаир, пратеникот на Беса – Зеќирија Ибраими за Чаир, пратеникот Билал Касами за Тетово, пратеникот Зијадин Села за Струга, како и пратениците на СДСМ Стефан Богоев и Благој Бочварски за да бидат во трка за општините Карпош и Штип. Четири години пред тоа, на локалните избори во 2013 година, тогашната вицепремиерка задолжена за европски прашања, Теута Арифи од ДУИ, се кандидираше за да ја добие довербата на тетовци, а тогашниот пратеник од таа партија, Арбен Љабеништа, стана кандидат во Струга.

Сето ова го отвора прашањето: кои се мотивите за ваквите кандидатури со кои се откажуваат министри и пратеници од повисоките функции за да влезат во некој помал градоначалнички кабинет? Односно, дали треба да се бараат мотивите во интересите на партијата, па преку тоа што градоначалничките функции се постабилни и подолготрајни, сè до можноста на градоначалниците силно да влијаат врз сите проекти и финансии на подрачјето на општината. Аналитичарите сметаат дека треба да се бараат причините во сите тие мотиви.

– Мотивите на министрите и на пратениците што се јавуваат во улога на градоначалнички кандидати се разни. Кај нас, локалните избори се своевиден лакмус за она што се случува на централно ниво, како своевиден предвесник за тоа дали расте поддршката за власта или опаѓа. По изборите во 2021 година, се знаеше кој ќе победи на парламентарните избори во 2024 година. Така, се ставаат звучни имиња поради багажот и минатиот труд пред граѓаните, некогаш се кандидирани со цел да победат, но некогаш и да загубат – вели аналитичарот Александар Ристевски за ВЕЧЕР.

Тој додава дека функцијата градоначалник, особено во приградските места надвор од Скопје и во помалите градови, нуди моќ, а, сепак, скриеност од фокусот на јавноста. Освен тоа, мотив треба да се бара и во општинските финансии.

– Дел од политичарите, кога ќе стапнат на високо именувана функција на централно ниво или во Собранието, сфаќаат дека можноста за „аванта“ тука е помала. Вака, четиригодишната градоначалничка функција е апсолутно посигурна, практично бетонирана, со привилегии, со секојдневен контакт со сопствениот електорат, плус урбанизам и помало влијание на медиумите. Оттаму, мотивот треба да се бара и во добрата „профитабилност“ на градоначалничката функција преку тендери и јавни набавки. Но, тука е и можноста повторно да стекнат рејтинг во некоја локална средина за утре, со подобри позиции, повторно да се вивнат назад на централно ниво – потенцира Ристевски.

Ќе има ли повлекување од функциите?

Една од дилемите што повторно се отвораат е и дали ќе следува повлекување од функциите на актуелните министри и пратеници што ќе се јават во улога на кандидати за градоначалници. На претходните локални избори, имало различна практика кај кандидатите со која некои се повлекувале, но некои не.

– Во најмала рака, во периодот на кампања не треба да ја вршат актуелната позиција, особено доколку се министри. Да не сечат ленти, отвораат проекти и слично. Така би било коректно. Не мора оставка, доволно е замрзнување во време на кампања – смета аналитичарот Александар Ристевски.

ИЗДВОЕНИ