Државната компанија „М-НАВ“ повторно се најде во фокусот на јавноста откако преку оглас за вработување се вработија лица блиски до владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Премиерот Христијан Мицкоски не се согласува со обвинувањата дека станува збор за партиски вработувања.

– Дури и да е така, зарем тие немаат право да се вработуваат или да бидат вработени само затоа што се мои роднини, пријатели, блиски?… Немаат право да живеат – прашува Мицкоски откако беше објавено дека сопругата на починатиот Игор Југ, еден од осудените за организираниот напад на Собранието, Атанас Стамнов – сопругот на директорката на Централен регистар на Македонија, Анита Стамнова, како и потпретседателот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, Филип Ѓорѓиев, се примени кандидати на огласот на „М-НАВ“.

Македонска навигација е примамлива за партиски вработувања поради високите плати. Но, Мицкоски вели дека имало и повисоки плати во други институции.

Опозицијата побара поништување на спорниот оглас и враќање на професионалните критериуми за вработување во „М-НАВ“, како и оставка од сите што го овозможија, како што додаваат, овој срам.

– Во „М-НАВ“ – клучната институција задолжена за безбедноста во воздухопловниот сообраќај, станува уште една партиска испостава на власта. Без какви било квалификации, мажот на директорка на Централен регистар, сопругата на Игор Југ — осуден за нападот на Собранието на 27 април, и потпретседателот на УМС на ВМРО-ДПМНЕ се вдомени во „М-НАВ“ наместо стручни, едуцирани и лиценцирани кадри. Додека се одбиваат млади луѓе со образование, знаење и стручност, партиската книшка на ВМРО-ДПМНЕ станува единствен критериум. ВМРО-ДПМНЕ не само што ја загрозува безбедноста, туку испраќа силна порака до младите дека со оваа власт немаат иднина. Ова е закана по безбедноста на патниците и воздушниот сообраќај. Власта да не си игра со безбедноста на македонското небо. „М-НАВ“ не е играчка во рацете на ВМРО-ДПМНЕ, туку сервис што мора да функционира строго професионално и во служба на граѓаните – се вели во реакцијата од СДСМ.

Струковиот синдикат на контролори на летање на Македонија (ССКЛМ) во минатиот месец му постави ултиматум на раководството на „М-НАВ“ барајќи поништување на последниот оглас за нови вработувања и итна реализација на неисполнетите точки од минатогодишната Спогодба. Ова не е првпат синдикатот да реагира на партиски вработувања и притисоци, на кои е подложена „Македонската навигација“.

Во оваа државна компанија со години виси инсталацијата на современ систем за навигација купен 16 милиони евра во 2013 година, со кој ќе се подигнат перформансите на „М-НАВ“ за одржување на безбедноста на воздушниот сообраќај на највисоко ниво и негова усогласеност со најновите технолошки стандарди. Без овој систем е ограничен бројот на прелети на час на македонското небо. Моментално, „М-НАВ’ опслужува просечно 61 прелет во летен период во еден час, со капацитет до 85, а највисокиот забележан дневен сообраќај ова лето е повеќе од 1.050 прелети во 24 часа. Прелетите над соседните Албанија и Бугарија изнесуваат повеќе од 1.200, односно, повеќе од 3.400 во 24 часа.

(С. Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ